Заев: Само 10 месеци сум претседател на СДСМ - не прифаќам одговорност за евентуален изборен пораз
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев вели дека нема да ја понесе одговорноста доколку на 27 април ги загуби предвремените парламентарни и претседателските избори. Лидерот на СДСМ, вчера во интервју за Вести24 рече дека очекува победа на изборите.
„Немам намера да понесам одговорност од проста причина што сум претседател на СДСМ само 10 месеци“ - рече Заев во интервјуто и додаде дека има намера да ја носи одговнорноста за како што рече, победата на неговата партија на престојните избори.
Заев рече дека СДСМ ги држи отворени сите опции доколку како што кажа, се случи „системска кражба на гласови“ и во вториот круг од претседателските избори и на предвремените парламентарни избори. Тој рече дека уличната демократија е опција која не ја посакува, но не е подготвен да ја отфрли.
Во првиот круг од претседателските избори, СДСМ, односно нивниот кандидат Стево Пендаровски доживеа убедлив пораз изразен со 123.000 гласови разлика.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа