Европратениците бараат старт на преговорите со Македонија - само Грците и Бугарите сметаат дека не сме подготвени

 

Во дебатата по декларацијата на Европската комисија и Европскиот совет за напредокот на Македонија, европратениците отворено побараа почеток на преговорите за членство на Република Македонија во ЕУ.
 
Претседателската на Советот Луцинда Крејтон и комесарот Штефан Филе ги повторија заклучоците од декемврискиот самит и пролетниот извештај на Комисијата, односно дека по политичката криза продолжиле реформите, но оти останува да се спроведе докрај договорот од 1 март и да се најде решение за спорот со името.

Пораката на британскиот европратеник Ричард Ховит е јасна - лидерите во Скопје и Атина треба да покажат храброст и да го решат проблемот со името, а лидерите на ЕУ да не го користат тој предизвик за ново одлагање на почетокот на преговорите. 
 
Најголемиот број од европратениците за време на повеќечасовната дебата  ја поддржаа резолуцијата за која ќе се гласа утре  и нејзината клучна препорака – Европската унија да почне преговори со Македонија без одлагање. 
 
Против беа пратениците од Грција и Бугарија, кои оценија дека за земјата не е единствен проблем името и односите со соседите, туку и внатрешните прилики посочувајќи притоа дека отсуството на политички дијалог, загрозената слобода на говорот и економските проблеми покажуваат оти Македонија не е подготвена за преговори.  
 
Претседавачот со пленарната сесија пред да ја започне дебатата за напредокот на Македонија ја поздрави македонската парламентарна делагација, предводена од Ќенан Хасипи, која во Стразбур учествува на 11-от Мешовит парламентарен  комиет ЕУ-Република Македонија

најчитано сега