Нелегално селеле Македонци во Германија - сега “заглавија“ во канџите на МВР

 

Министерството за внатрешни работи откри два случаи на злоупотреба на безвизниот режим. Полицијата открила и поднела пријави против пет лица.

Во првиот случај, Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал поднел кривична пријава против четири лица, од кои три од Кочани И.А. (41), Н.К(47) и Р.Џ.(49), како и 35 годишниот Р.И. од Скопје, осомничени за сторени кривични дела „злоупотреба на безвизен режим со државите членки на ЕУ и на Шенгенскиот договор“ и „организирање група и поттикнување на извршување на делата од чл.418“, откако претходно со примена на посебни истражни мерки, е документиран транспорт на четворица мигранти.

Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска денеска информираше дека кочанчанецот Р.Џ. бил ангажиран да обезбеди четири лица од подрачјето на Кочани и Пехчево, кои имале намера да заминат во Германија, како економски мигранти, по што осомничените за цена од 300 евра по лице, го организирале превозот.

- Лажните азиланти биле прифатени од страна на групата и транспортирани до село Долно Блаце, каде во организација на 35 годишниот Р.И. од Скопје, тројца биле илегално префрлени на косовска страна, додека еден економски мигрант, заедно со еден од осомничените, со возило легално ја преминале границата на ГП Блаце и на косовска страна ги прифатиле останатите три лица. Од таму го продолжиле патувањето, преку Косово, Србија и Унгарија кон Германија, рече Јанкулоска.

Министерката објасни дека две од осомничените лица веќе биле приведени во акција на МВР, која била реализирана минатиот месец и во која било откриено дека на 12. 03. 2014 заедно со уште едно лице извршиле транспорт на шест лица - економски мигранти.

- Откако беа предадени на Судија на претходна постапка, истиот им одреди мерка притвор во траење од 30 дена. Другите две осомничени лица во овој случај, по претходно извршени консултации со Јавен обвинител и добиени наредби за приведување, беа обезбедени, а беше одземено и возилото со кое се превезувале економските мигранти. Од страна на Судијата на претходна постапка, исто така им е одредена мерка притвор во траење од 30 дена, рече Јанкулоска.

Во вториот случај, Регионалниот центар за гранични работи „Запад“ поднел кривична пријава против 56-годишниот битолчанец Н.А. и едно засега непознато лице за сторено кривично дело „злоупотреба на безвизниот режим со државите членки на Европската унија и Шенгенскиот договор“.

- Пријавениот за износ од 1.850 евра организирал превоз на шест лица од ромска националност од Битола, по што непознатото лице во близина на ГП „Стење“ илегално ги пренел во Албанија, каде требало да дојде пријавениот и да продолжат заедно до Германија. Откако тој не се појавил на договореното место лицата-азиланти на влез на ГП Стење на албанско-македонската граница го пријавиле настанот, при што е утврдено дека истите не се евидентирани во системот за излез од Македонија, објасни денеска Јанкулоска.

Покрај овие, информираше министерката, во првите три месеци од 2014 година регистрирано е едно дело „злоупотреба на безвизен режим со државите членки на ЕУ и Шенгенскиот договор“ за кое се пријавени тројца сторители, додека во текот на 2013 година регистрирани се 13 такви кривични дела,  а пријавени се 19  сторители. 

11.04.2014 - 12:25

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега