Продолжува дијалогот меѓу Дачиќ и Тачи
Премиерот на Србија, Ивица Дачиќ, денеска попладне, во кабинетот на шефицата на европската дипломатија во Брисел, Кетрин Ештон, ќе се сретне со косовскиот премиер,Хашим Тачи, за да разговараат за примената на спогодбата што ја парафираа минатиот месец.
-Очекуваме дијалог за конкретните чекори што треба да се преземат за договорот што побрзо да се примени, за Танјуг кажа Маја Коцијанчич, портпаролка на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност.
-Примената на спогодбата е од клучна важност за продолжување на процесот на нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, истакна Коцијанчич и потсети дека тоа е важно и заради условот што Европскиот савет и го постави на Србија за годинава да почнат преговорите за придружување кон ЕУ.
Премиерот Дачиќ изјави дека од Белград се очекува до крајот на неделава да направи план за примена на бриселската спогодба, во која ќе бидат наведени рокови и постапки што ќе се завршат во одреден период.
-Зборуваме за начелни рокови. Планот е потребен за некој да може да заклучи дека нешто сериозно работиме. Без план за имплемантација, а тоа покрај другото се однесува на полицијата, правосудството и одредени рокови, не можеме да очекуваме германска согласност за добивање датум за почеток на преговорите, рече Дачиќ за РТС пред денешниот состанок.
-Интерес на Србија е да се имплементира тоа што се договоривме и да добиеме датум за почеток на преговори, заклучи Дачиќ.