Мециновиќ: Народот заслужува одговори - ДПМНЕ му сервира пцости и насилство
Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ одржа прес-конференција во врска со денешната ескалација во Собранието која ја предизвикаа пратениците од ДПМНЕ, а со цел владините функционери да избегнат одговори на прашањата поставени од Левица на денешната седница за пратенички прашања
„Втори пратенички прашања по ред, ДПМНЕ ја ескалира ситуацијата во Собранието затоа што се опиени со власт и бидејќи се, просто, насилници. Првата седница за пратенички прашања ја ескалираше нивниот вожд, премиерот Христијан Мицкоски, а втората ја ескалираа неговите партиски потрчковци, рече Мециновиќ.
„Потполно малограѓански, насилнички и дерегулирано, во својство на растроени луѓе – пратениците на ДПМНЕ, постојано, вон сите норми на парламентарството, сите норми на нормалното комуницирање и вон сите норми кои се однесуваат на политичката дискусија помеѓу партиите во ова Собрание, се користат со најодвратни механизми за провокација и навредување.
Анонимниот пратник Зоранчо Јованчев кој се нема појавено на собраниската говорница, денеска го опцу претседателот на Левица, Димитар Апасиев, спомнувајќи го неговото семејство.
А, интересно е за јавноста, бидејќи ни јавноста не го знае овој пратеник, како што и ние колегите не го знаеме – Зоранчо Јованчев има две кривични пријави. Една за дивоградба во Лозово, а другата е за крадење на вода, за приклучок. Значи, се работи за дерегулирани луѓе кои во Собранието гледаат простор, не за политичка дискусија, туку за малограѓански сценарија. Така беше и со пратеникот Александар Велјановски кој заедно во комбинација со првоспоменатиот пратник, пробаа насилнички да извадат сцена со која ќе избегнат одговори на прашањата на Левица.
Нашата порака е дека не се плашевме во времето на Мијалков, не им се плашиме ниту сега.
Ние сме шесторица, тие се педесет и осум. Нека бидат уште сто и педесет – не се плашиме од бизнисмените на Мицкоски и неговите партиски потрчковци. Затоа што на секој насилнички одговор, ние ќе одговориме пожустро.“, рече Мециновиќ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа