Скршена коска на черепот, крварење од увото: 12-годишно дете претепало свој врсник
За малку можеше да заврши фатално 12-годишен ученик од седмо одделение од училиштето Блаже Конески од Велес, кој вчера, за време на одморот бил жртва на врсничко насилство. Негов соученик го фатил за врат и почнал да го дави, по што детето, најверојатно изгубило воздух, паднало на подот и тешко ја повредило главата. Со скршена коска на черепот и крварење од увото, детето итно е префрлено на клиниката за неврохирургија во Скопје. По вчерашната криза, неговата состојба денеска е подобра, велат од клиниката, пренесува локалниот медиум batali.net.
„Пациентот е во стабилна состојба и е надвор од животна опасност. Ќе остане на нашата клиника на лекување уште неколку дена“, рече др. Љуљзим Агаи – директор на Клиниката за неврохирургија.
Од училиштето го потврдија инцидентот. Видно вознемирена, директорката Маја Коруновска објасни дека инцидентот се случил во училница, на одморот пред вториот час. Веднаш откако дознале, директорката и наставниците повикале брза помош и полиција, а стручните служби разговарале со ученикот кој го предизвикал инцидентот, но и со сведоците на настанот.
„Известени се и повикани на разговор родителите на ученикот кој го предизвикал инцидентот и запознаени се со целиот случај и понатамошните постапки кои ќе ги преземе училиштето за случајот. Од страна на училиштето е постапено во согласност со Законот за основно образование и се известени СВР Велес и Центарот за социјални работи Велес. Во училиштето е направен увид од страна на службени лица од СВР Велес при што е објаснет целиот инцидент и дадени се индивидуални изјави од стана на неколку предметни наставници, лице од технички персонал и директорот, кои интервенирале веднаш по случувањето на инцидентот. Директорката и стручната служба ќе продолжат да постапуваат согласно Законските и подзаконските акти, процедури и насоки за постапување при вакви постапки со цел во иднина да не се повторуваат. Училиштето, како и до сега е подготвено за соработка со сите надлежни институции за надминување на вакви ситуации“, велат од ООУ Блаже Конески.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа