Град Скопје и годинава доделува садници
Градот Скопје ја продолжува традиционалната пролетна акција за доделување садници на сите заинтересирани урбани месни заедници, куќни совети и образовни институции. Во оваа акција Градот ќе додели 1 500 листопадни и зимзелени садници.
Заинтересираните урбани месни заедници, куќни совети и образовни институции треба да поднесат барање за доделување садници до Секторот за комунални работи на Град Скопје, булевар Илинден бр. 82. Субјектите во барањето треба да го наведат видот на садниците што бараат да им се доделат, бројот и точната локација на која планираат да ги засадат дрвцата. На барањето треба да стои печат од куќниот совет, урбанатамесна заедница или од образовната институција.
На куќните совети и образовните институции на кои ќе им бидат одобрени барањата, во оваа акција ќе им се доделат најмногу 10, а на урбаните месни заедници по 15 садници.
Барањата за добивање садници до Секторот за комунални работи на Град Скопје може да се доставуваат од 28 март до 04 април 2014 година, а решенијата и садниците ќе може да ги подигнат од 07 до 11 април од ЈП „Паркови и зеленило“ во Градски парк или од расадникот во населба Бутел.
Акцијата на Град Скопје за доделување садници се организира веќе седум години во две етапи, односно напролет и наесен.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа