Филипче: Вистински сум разочаран од одлуката на ВМРО ДПМНЕ да не го гласаат законот за помош на настраданите од Кочани

 

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, напиша дека е разочаран од одлуката на ВМРО ДПМНЕ да не го поддржат законот со кој се обезбедува финансиска помош за семејствата на загинатите и повредените во пожарот во Кочани.

-Од првиот ден по трагедијата во Кочани, СДСМ се однесува со целосна почит, сочувство и одговорност за семејствата на загинатите и повредените.

Не ловевме политички поени, не обвинувавме и дадовме целосна поддршка за институциите да ја завршат работата. Го ставивме страдањето на нашите сограѓани над политиката. Покажавме емпатија и конструктивност – и како партија, и како поединци.

Во тој дух поднесовме закон со кој се обезбедува финансиска помош за семејствата на загинатите и повредените. Без никакви политички намери, со јасна цел – да им помогнеме на оние што изгубија најмногу.

Денешната одлука на ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалициски партнери да не го поддржат овој закон за мене е вистинско разочарување. Не можам да најдам разумно објаснување за оваа постапка. Не станува збор за политика, туку за човечност, морал и совест кои очигледно пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги немаат.

Државата мора да покаже дека стои зад своите граѓани кога е најмногу потребно. Ова не беше момент за политички инает, туку за заедничка грижа.

СДСМ ќе продолжи да се бори за вистински вредности и да нуди и дава поддршка таму каде што најмногу треба – напиша Филипче.

14.05.2025 - 19:34

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега