Ѓорѓиев: Исплата на штети од елементарни непогоди по завршувањето на изборите

 

Владиниот потпарол Александар ѓорѓиев, денеска на прес-конференција информираше дека Владата веднаш по завршувањето на претстојните избори ќе им даде паричен надоместок на граѓаните кои претрпеле штети од елементарни непогоди во периодот од 2010 до 2013 година.

- Владата пред околу месец и половина ја донесе одлуката за надомест на штета по однос на 19 елементарни непогоди во 10 општини во Република Македонија. Се обративме до Антикорупциската комисија која ни укажа дека во истиот период беа распишани избори и не е согласно закон да биде исплатен тој надомест на штета во однос на субјектите кои претрпеле штетни влијанија. По завршување на изборите средствата ќе бидат исплатени до сите субјекти кои претрпеле штети од овие 19 елементарни  непогоди од Одлуката, а согласно извештаите добиени од општинските комисии за проценка на штета, информира Ѓорѓиев.

За оваа намена ќе се издвојат 72.601.129 денари или околу 1,2 милиони евра. Паричен надомест ќе земат оштетените граѓани од град, дожд, поплави, невреме, земјотрес... од општините Берово, Битола, Василево, Гази Баба, Дебарца, Охрид, Прилеп, Радовиш, Свети Николе и Штип зафатени во 2010, 2011, 2012 и 2013 година, кои доставиле извештаи со целосна документација.

Според владината одлука во овој случај паричен надомест ќе земат оштетените граѓани од следните 19 елементарни непогоди: поплавата во Свети Николе од  25 и 26 февруари во 2013 година,  пороен дожд и поплава во Штип од 25 и 26 февруари 2013 година, град во Берово од 19 јуни 2010 година, поплава во Берово од 26 и 27 мај 2012 година, град во Битола од 9 август 2012 година, поплава во Василево од 24, 25 и 26 февруари 2013, невреме во Гази Баба од 23 јуни 2013, поплава во Дебарца од 10 август 2012 година, дожд и град во Дебарца од 8 јули 2013 година, дожд и град во Охрид од 19 јуни 2010 година, пожар во Охрид од 27 август 2011, град, ветер и дожд во Охрид од 9 јуни 2011, земјотрес во Охрид од 7 јуни 2012, град во Охрид од 10 август 2012, град и поплава во Прилеп од 2 јули 2010 година, невреме во Прилеп од 9 јуни 2011 година, град во Радовиш од 24 јуни 2012, дожд во Радовиш од 10 август 2012 година, пороен дожд во Радовиш од 25,26 и 27 февруари 2013 година.

Покрај за овие 19 елементарни непогоди, за кои има донесено одлуки Државната комисија за проценка на штети ја информирала Владата оти има и други случаи од елементарни непогоди  кои ги процесуираат во моментот.

19.03.2014 - 13:46

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега