Каков имот пријавил Стојанче Ангелов - Новиот директор на ДЗС
Досегашниот директор на Центарот за упрaвување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов е нов директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Владата го назначи Ангелов на оваа функција на местото на Џеват Селами од Коалицијата „Вреди“, кој е во домашен притвор во истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март со 62 жртви.
Според неговиот анкетен лист од 2021, тој пријавил дека од имот има стан во Скопје од 123 метри квадратни, проценет на 7,5 милиони денари.
Пријавил и возило Опел Вектра како заеднички имот, како и Рено Меган на име на сопругата.
Тогаш пријавил и воена инвалиднина од 19.600 денари месечно.
Пријавил и два кредити кои треба да се вратат заклучно со 2030 и 2040 година.
Тој истакна дека ќе работи на обединување на ЦУК и на ДЗС во една институција, како стратешка заложба на Владата за воспоставување на современ и функционален, интегриран систем за управување со кризи и заштита и спасување, кој ќе има соодветни капацитети да одговори на сите предизвици и ризици, целосно усогласен со стандардите на ЕУ и НАТО.
-Заедно со вработените кои ќе покажат амбиција за жестока, напорна и непоколеблива работа, ќе се обидеме да ги надминеме детектираните недостатоци и слабости, со цел брзо ставање на Дирекцијата за заштита и спасување во полна функција. Како директор, ќе можам детално одвнатре да ја разгледам Дирекцијата за заштита и спасување, внимателно да го проучам човечкиот и техничкиот потенцијал и дополнително да ги детектирам многубројните недостатоци и слабости кои ќе бидат целосно отстранети во новата институција која ќе ги обедини функциите на Центарот за управување со кризи и на Дирекцијата за заштита и спасување во една институција, на чие формирање забрзано се работи, како стратешка заложба на Владата за воспоставување на современ и функционален, интегриран систем за управување со кризи и заштита и спасување, кој ќе има соодветни капацитети да одговори на сите предизвици и ризици, целосно усогласен со стандардите на ЕУ и НАТО. Благодарност до премиерот Христијан Мицкоски и Владата за укажаната доверба, нагласува Ангелов.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа