„Пелистер“ одржа комеморација за трагично загинатиот Милошевски
Фудбалскиот клуб „Пелистер“ денеска во Битола одржа комеморативен собир за поранешниот член на клубот и директор на фудбалската репрезентација на Македонија, Петар Милошевски, кој пред два дена загина во страотна сообраќајка.
За фудбалската кариера на Милошевски пред спортската јавност во Битола, поранешни и сегашни тренери и фудбалери на ФК „Пелистер“, како и претставници на навивачката група „Чкембари“, зборуваше Зоран Мишевски, актуелен портпарол на клубот кој потсети дека Милошевски во првиот тим на ФК „Пелистер“ настапил на 16-годишна возраст.
- Смртта на Петар Милошевски е загуба на голем човек, голема личност и спортист кој беше пример за младите таленти. Петар покажа и докажа како треба да се гради култот кон репрезентативниот дрес, како треба да се биде капитен на македонската фудбалска репрезентација и како да се претставува својот град. Верувам дека Битола на соодветен начин и со вистинска иницијатива ќе овозможи да се памети Петар Милошевски, истакна Мишевски.
Голманот Петар Милошевски освен во „Пелистер“ настапувал во „Вардар“, турските екипи „Трабзонспор“, „Малатијаспорт“ и „Себатспорт“, а во Кипар настапувал за „Енозис“, беше нагласено на денешниот комеморативен собир во Битола.
- Пролетта 1991 година Петар Милошевски учествуваше со младата фудбалска репрезентација на Македонија на неколку турнири, а веднаш потоа дебитираше како прв голман на ФК „Пелистер“ на натпреварот со ФК „Загреб“ во Загреб. Тогаш сите рекоа, ова дете ќе прерасне во голем голман и спортист. Така и беше, затоа тешка е оваа загуба, рече меѓудругото битолскиот спортски хроничар, Димче Миновски.
На денешниот комеморативен собир во Битола, ФК „Пелистер“ отвори и книга на жалост, во која се потпишаа спортисти и љубители на спортот од овој град
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа