Груевски се сретна со Кени: Македонија ја има поддршката од Ирска

 

Претседателот на македонската Влада, Никола Груевски, кој учествува на самитот на ЕПП во Даблин, денеска се сретна со неговиот ирски колега Енда Кени.

На средбата биле потврдени добрите односи меѓу двете земји, но и поддршката што Ирска ја дава во процесот на интеграција на Македонија во ЕУ.

На средбата биле констатирани добрите дипломатски односи меѓу двете земји, кои оваа година одбележуваат 20 години од нивното започнување. Груевски и Кени се согласиле дека постојат капацитети и добар потенцијал и за натамошно интензивирање на економските односи.

Груевски изразил задоволство од поддршката што Ирска и ја дава на Република Македонија во процесот на европските интеграции, но ја истакнал и важноста на нејзиниот ангажман во рамките на институциите на Европската Унија, особено Европскиот парламент за задржување на континуитетот на проширување на Унијата.

Тој истакнал дека значајна цел и приоритет на Македонија е напредувањето во процесот на евроинтеграциите и притоа го запознал својот колега со реформите и чекорите кои ги презема Македонија, а се насочени кон подобрување на стандардот на граѓаните, зголемување на инвестициите и подобрување на капацитетот на институциите. 

Соговорниците разговарале и за повеќе актуелни теми и прашања, при што македонскиот премиер го информирал Кени за спорот за името со Грција со барање за натамошна поддршка од Република Ирска за евроинтеграциските процеси на Република Македонија.

За потсетување, Груевски втор ден учествува на Конгресот на Европската народна партија што се одржува во Даблин каде се избира кандидат за претседател на Европската комисија.

Македонскиот премиер на маргините на Конгресот истакна дека новиот состав на Европска комисија треба да биде свесен дека прашањето за Македонија се уште не е затворено во однос на нејзиното зачленување во ЕУ.

Присуството на Груевски на Конгресот беше искористено за интензивна комуникација со присутните претставници на партиите од Европа и нивно запознавање со реформите и чекорите што ги презема македонската Влада, како и со предизвиците кои стојат на патот на евроинтеграциите на државата и барање поддршка во натамошниот период. 

07.03.2014 - 14:34
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега