Спасов: Ќе направиме сé за да им овозможиме достоинствена старост на пензионерите

 

Старите лица и пензионерите имаат право да бидат рамноправни граѓани и да бидат заштитени од дискриминација. Сите членови на едно општество се способни  на одреден начин го дадат својот корисен придонес во заедницата. Затоа обврска на државата, а особено наша заедничка човечка обврска е да направиме сé за обезбедување услови старите лица и пензионерите да имаат достоинствена старост.

Oва го истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на денешната трибина за правата на пензионерите по повод Денот на жената - 8 Март.

Вие, додаде Спасов, сте патоказот и совест на нашето општество, а ние ја имаме мисијата да ви го овозможиме тоа што го заслуживте, така како што идните генерации ќе го прават тоа за нас.

- Секоја доба во животот носи можности и бенефити. Во третото доба, активно може да се допринесува и да се остварува. Пензионерите се почитуван фактор во нашата држава, бидејќи вие ја градевте. Преку бројните иницијативи и заложби, го збогатувате амбиентот на секојдневието. Не се сомневам дека и жените пензионери, во духот на традицијата, вложуваат напори за подобрување на статусот на пензионерите, рече министерот.

Тој додаде дека показател за вниманието кое Владата го посветува на старите лица и пензионерите се, како што рече, бројните реализирани проекти.

- Во таа насока е и дополнителното зголемување на пензиите кое се реализира со мартовската исплата, шти што линеарно се зголемија пензиите за 5 проценти односно пензионерите ќе добиваат зголемена пензија за 600 денари. Вкупното зголемување на просечната пензија од 2006 година до денес изнесува 62 отсто, што е вистински факт и показател за нашата грижа за пензионерите, рече Спасов.

Како што рече министерот, во насока на унапредување на условите за живот на старите лица и пензионерите се и отворањето на домови и дневни центри за стари лица.

- Пред неколку дена го отворивме комплетно новиот дом за стари лица „Сју Рајдер“ во Битола, инвестиција вредна околу 850 илјади евра. Продолжуваме и со отворање голем број дневни центри за стари лица. Пред кусо време го отворивме центарот во Гази Баба, а во завршна фаза се и оние во Неготино и во Чешиново-Облешево, а план ни е годинава да се отвори и центар во Виница. Исто така, зголемени се и капацитетите на приватните домови, отворени се вкупно 15 приватни домови..., потенцира министерот за труд и социјална политика.

Спасов истакна дека како Министерство реализираат и голем број проекти со Црвениот крст на Република Македонија и на Град Скопје.

Задоволство од грижата на државата изрази и претседателот на Здружението на пензионери, Драги Аргировски.

- Државата води грижа за зголемување на стандардот на пензионерите и за создвање услови за достоинствена старост. Очекувам оваа динамика во иднина да биде уште позасилена и на таков начин да се создадат ууслови за достоинствена старост, здрав и активен старски живот, рече Аргировски.

Сузана Тунева- Пауновска од Црвен Крст на Град Скопје истакна дека на денешната трубина ќе се проговори за улогата на жената пензионер во нашата заедница и општеството, бидејќи, како што рече, таа носи во себе едно големо професионално и работно искуство.

Тунева-Пауновска објасни дека на трибината ќе бидат поставувани прашања и ќе се даваат предлози врз основа на кои ќе се преземаат активности кои ќе се реализираат наредната година, а како што рече, ќе имаат за цел да ги унапредат условите за живот на старите лица и пензионерите. 

07.03.2014 - 14:12
Фото: 
MIA

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега