Ќе се гради хотел за родителите од внатрешноста чии деца подолго време се лекуваат на Детската клиника

 

Родителите чии деца се на подолг престој во Детската клиника, а не се од Скопје, наскоро ќе имаат можност да престојуваат во хотел за родители додека нивните деца се на лекување. Како што јавува Дневник, од Министерството за здравство велат дека хотелот ќе се гради во рамките на Kлиничкиот центар, поточно ќе биде дел од катната гаража чија изградба ќе почне деновиве, и со него ќе се олесни ситуацијата на стотици родители чии деца се лекуваат на Kлиниката, а живеат во внатрешноста на Македонија.

Директорката на Детската клиника, Аспазија Софијанова, вели дека проектот за хотел за родители е многу важна работа како за родителите, но пред се за болните деца. 

- Љубовта и нежноста на родителите кога детето е болно и лежи во болница, ја победува половина болест. Kога родителите се близу до децата, се е полесно, најмногу за децата. Многу е важно отворањето на хотелот бидејќи секој родител ќе биде во близина на своето дете, а навечер кога му е потребен момент да си ја поврати силата за да може утредента да му се посвети на детето, ќе има каде да се одмори. Факторот родителите да бидат во близина ја зголемува самодовербата кај детето, а тоа е многу важно особено ако е во болница, вели Софијанова, пренесува Дневник.

И министерот за туд и социјала, Диме Спасов, вели дека станува збор за многу хуман проект. 

- Иако иницијативата за изградба на хотелот е на Министерството за здравство, ние со задоволство би помогнале. Станува збор за одличен проект. За нас е многу важна грижата за децата. Повикувајќи се на странските искуства, во такви хотели се сместуваат граѓани кои не се во можност да си закупат стан или немаат друго решение за престој додека им се децата на лекување. Затоа, отворањето на хотелот има голема хумана димензија, вели Спасов.

06.03.2014 - 10:30
Фото: 
Канал5

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега