Започна седницата за самораспуштање на Собранието
Собранието на Република Македонија денеска ја почна 87. седница, а единствена точка на дневен ред е Предлог-одлуката за распуштање на актуелниот собраниски состав.
Иницијативата за распуштање во саботата ја поднесе Демократската унија за интеграција откако не им беше исполнето барањето за консензуален кандидат за претседател на Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека причината за иницијативата на ДУИ е брањето да добие едно од трите ракводни места во државата.
- ВМРО-ДПМНЕ не подлегнува на уцени и закани. Веќе е јасно зошто бараат консензуален кандидат, за да не го добијат, и, како што отворено најавија, да одат на обид за пропаѓање на претседателските избори, а потоа да извршат притисок за промена на Уставот со цел партиите, а не граѓаните да го бираат претседателот на државата. Но, тоа не е крајната цел. Крајната цел е претпоставката дека ако ВМРО нема 62 пратеници по парламентарните избори да условат со барање за еден од тројцата – премиер, претседател на Собрание или претседател на држава да биде предложен од редовите на ДУИ, рече Груевски на Конвенцијата за избор на претседателски кандидат.
Од друга страна, од СДСМ побараа Владата веднаш да предложи измени на Изборниот законик кој не предвидува решенија за совпаѓање на парламентарните со вториот круг претседателски избори, да се реши проблемот со двата различни рокови за заклучување на избирачкиот список, со почитувањето на роковите за предизборна кампања, како и со медиумското претставување.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа