Владата останува посветена на унапредување на училишниот спорт

 

Во општината Босилово денеска беше пуштена во употреба новата училишна спортска сала изградена според најсовремени стандарди за спортски објекти. Салата се протега на површина од 650 метри квадратни, а во неа околу 160 ученици од Основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ во Иловица ќе спортуваат и ќе се рекреираат.

Салата во употреба ја пушти премиерот Никола Груевски заедно со министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.

- Физичкото образование на учениците отсекогаш претставувало еден од најважните елементи на образовниот процес. Сепак, вниманието кое од страна на претходните влади се посветувало за учениците и нивниот правилен раст и развој се чини дека било на особено ниско ниво. Како резултат на ваквите состојби во голем број училишта низ Македонија никогаш не постоеле училишни спортски сали. Токму поради ваквите состојби оваа Влада го започна проектот за изградба на 145 училишни спортски сали на територијата на Република Македонија во рамките на кои е изградена и оваа спортска сала, нагласи премиерот Груевски денеска на пуштањето во употреба на новата спортска сала.

Груевски истакнува дека ова не е ни првиот ни последниот проект кој ќе го има во оваа општина: - Направивме уште многу други проекти, но уверен сум дека има уште многу што да се направи. Во овој контекст би ја споменал инвестицијата за отворање на рудникот во непосредна близина со што ќе се вработат значителен број луѓе. Подготовките веќе се почнати, а Владата ги заврши сите потребни работи што инвеститорот ги бараше со цел да може во првиот квартал на 2017 година да започне со работа, посочи премиерот.

Министерот Ристоски од своја страна нагласи дека Владата останува посветена на унапредување на училишниот спорт.

- Наши партнери за популаризација на спортот, покрај училиштата, се и единиците на локалните самоуправи. И понатаму остануваме сплотени во намерата за правилно насочување на младите, за откривање таленти и создавање врвни спортисти и репрезенти на нашата земја, истакна министерот Ристовски.

Инаку, оваа сала е дел од проектот на Владата за изградба и опремување на 145 училишни спортски сали, вредна 23,6 милиони денари.

03.03.2014 - 13:54

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега