Државата ги намалува трошоците за вработување млади невработени лица до 29 години

 

Министерот за труд и социјала, Диме Спасов, денеска информираше дека работодавачите од приватниот сектор кои ќе вработат млади лица до 29 години, евидентирани како невработени во Агенцијата за вработување, ќе бидат ослободени од плаќање социјални придонеси во тек на првата година. Целна група се сите млади невработени лица до 29 години.

- Ослободувањето од социјалните придонеси ќе биде за период од 12 месеци со обврска понатаму работодавачот да го задржи на работа тоа лице уште дополнителни 12 месеци. Ослободувањето ќе се однесува на основицата на која се плаќаат социјалните придонеси односно до основицата од просечната бруто плата од претходната година. Доколку работодавачот исплати нето плата повисока од просечната плата ќе треба да си изврши доплата на социјалните придонеси на разликата од просечната плата до исплатената плата, појасни денеска министерот Спасов.

Покрај ослободувањето од социјалните придонеси, укажа Спасов, работодавачот ќе биде ослободен и од плаќање персонален данок на доход за тоа лице, можност  што постои како законско решение. Тој потенцира дека сега  покрај тоа што работодавачот ќе биде ослободен од плаќање персонален данок за вработување млади лица до 29 годишна возраст дополнително ќе биде ослободен од плаќање социјални придонеси за вработување млади лица до 29 години во период од 12 месеци.

- Со законските измени системски се влијае  на поттикнување на вработувањето  на младите лица од една страна, а за работодавачите претставува големо олеснување и поддршка затоа што државата им ги намалува трошоците за ангажирање на работен кадар односно ги ослободува од трошоци кои можат да ги задржат и да ги употребат во друга функција за развој на бизнисот, рече Спасов.    

Целна група која може да се опфати со оваа мерка се околу 45.000 млади невработени лица до 29 години кои се наоѓаат на евиденција на Агенцијата за вработување, од кои 25.000 се изјасниле дека се активни баратели на работа и 20.000 дека се пасивни баратели на работа.

- Оваа мерка не е изолирано решение, напротив, се работи за еден системски потфат составен преку различни активни програми и мерки за вработување преку кои се опфатени  младите лица до 29 години како што се програма за самовработување, субвенционирање на вработувањето, практикантство, различни видови обуки. Иднината на една држава ја засноваат младите луѓе. Тие се потребни овде, и Владата на Република Македонија ќе продолжи да им овозможува можности, преку кои ќе го реализираат својот животен сон, рече Спасов.

Според Спасов, законските решенија треба да стапат во сила осум дена по објавувањето во Службен весник. Законските измени би требало да бидат објавени во Службениот весник денеска.

03.03.2014 - 13:36
Фото: 
Денешен

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега