Двајца се откажаа: Познати имињата на кандидатите за претседателските избори
Актуелниот претседател Ѓорге Иванов од ВМРО-ДПМНЕ, Илијаз Халими од ДПА, Зоран Поповски од ГРОМ и Стево Пендаровски од СДСМ се кандидати за претседател на Македонија за изборите закажани за 13 април. Партиите треба да ги поднесат нивните кандидатуридо Државната изборна комисија до 13. март.
Од собирање потписи се откажаа Стојанче Ангелов од Достоинство и професорката Билјана Ванковска.
Иванов беше избран за кандидат на ВМРО-ДПМНЕ на партиската Конвенција во саботата, а за него потписи ставија и над 20.000 граѓани. Кандидатите на ГРОМ и на ДПА, Поповски и Халими собраа по 10.000 потписи, а за кандидатурата на Пендаровски се чека на потписите на 30 пратеници од опозицијата. Конгрес и промоција на својот кандидат СДСМ ќе одржи во вторник.
На 7. март завршува дваесетдневниот јавен увид во Избирачкиот список за претседателските избори и за граѓаните од земјата и за дијаспората. Дотогаш државјаните на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во странство можат по електронска пошта преку ДКП до ДИК или до ДИК да поднесат Барање за запишување, дополнување или бришење на податоците во посебните изводи од Избирачкиот список и/или да достават Барање за гласање за претстојните претседателски избори. Примените барања и пријави преку ДКП-та, Министерството за внатрешни работи треба да ги достави до ДИК веднаш или најдоцна до 10 март.
Избирачкиот список на политичките партии треба да им биде доставен до 12 март. ДИК го заклучува Избирачкиот список најдоцна до 22 март.
Претседателските избори ќе се одржат на 13 април. На вториот круг од изборите на 27 април во земјата ќе се одржат и предвремени парламентарни избори откако за време на викендот ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и други помали партии го прифатија барањето на ДУИ за распуштање на Парламентот и предвремени избори.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа