ДУИ поднесе иницијатива за распуштање на Собранието и предвремени избори
Пратеничката група на ДУИ денеска поднесе иницијатива за распуштање на Собранието на Република Македонија и распишување предвремени парламентарни избори.
Како што велат од партијата, причината за оваа одлука е неприфаќањето на нивниот предлог за консензуален претседателски кандидат од страна на коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ. ДУИ соопшти дека нема да предложи кандидат на претседателските избори, но и оти нема да повика на бојкот.
За барањето на ДУИ за распуштање на Собранието и за предвремени парламентарни избори синоќа расправаше Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Претходно, претседателот на партијата Никола Груевски имаше средба со лидерите на помалите политички партии кои се нејзини коалициски партнери.
Доколку биде постигнат договор за предвремени парламентарни избори, најчесто спомнувана можност во јавноста беше тие да се одржат на 27 април, паралелно со вториот круг од претседателските. Во таков случај Собранието треба да се самораспушти во првата недела од март, а тие да бидат распишани во периодот од 10 до 13 март.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа