Средба Иванов-Земан: Чешка заинтересирана да инвестира во Македонија

 

Претседателот Ѓорѓе Иванов денеска во Прага се сретна со својот чешки колега, Милош Земан.

- Чешка е многу заинтересирана да инвестира во Македонија. Ние веќе имаме инвеститори во мали хидроцентрали, но сакаме да се подобри соработката во областа на енергетиката, рударството и да градиме трамвајска линија во Скопје, рече Заман на заедничката прес-конференција, пренесе МИА.

Тој додава дека Чешка ја поддржува Македонија во евроатланските интеграции, но во овие организации одлуките се носат со консензус и една членка може да блокира.

Претседателот Иванов рече дека очекува денешната средба да биде поттик за подобрување на соработката меѓу двете земји и изрази благодарност за чешката поддршка за македонските евроатлански интеграции, а особено за принципиелниот став за употреба на нашето уставно име  во билатералната комуникација. 

- Ако НАТО ги почитува сопствените принципи би требало да добиеме покана за членство на следниот самит во Велика Британија, бидејќи се што е до нас ние веќе сме го исполниле. Сепак треба да бидеме реалисти останува проблемот со името, а нашиот сосед нема желба да се дојде до решение, рече Иванов во одговор на новинарско прашање.

Тој нагласи дека трговската размена меѓу двете земји постојано се зголемува, но оти постои добра соработка и на сите останати полиња.  

-Трговската размена од година на година се зголемува и веќе достигна 250 милиони евра од кои 170 се македонски извоз во Чешка. По секоја наша средба, соработката се подобрува  пред се на полето на економијата. Постои добра соработка и во културата, образованието, спортот туризмот,... рече Иванов.

ШЕфот на македонската држава најави и дека на чешкиот претседател Земан ќе му биде врачено највисокото македонско признание орденот „8 Септември“.

Попладнево претседателот Иванов ќе ја посети катедралата Св. Вит во придружба на прашкиот кардинал Доминик Дука, а посетата ќе ја зарши со работна вечера со чешкиот премиер Бохуслав Соботка. 

27.02.2014 - 14:35
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега