Мулату Астатке од Етиопија ќе го отвори Офф фест

 

Пионерот на Етио-џезот Мулату Астатке на 1. јуни ќе одржи концерт во Скопје, со кој ќе го означи почетокот на 13. Офф-Фест, соопшти организаторот Скопски џез-фестивал..

Освен Астатке, на првата фестивалска вечер ќе настапи и популарната македонската група „Фолтин“, во специјална формација, со неколку реномирани гости од Словенија и Холандија.

Мулату Астатке (1943) студирал во Лондон и на музичката академија „Беркли“ во Бостон, а настапувал и снимал и во Њујорк. Откако се вратил во родната земја, кон крајот на 1960-тите и почетокот на 1970-тите години   станал една од движечките сили на трансформацијата на популарната музика на Етиопија.

- Како соло-музичар тој развива индивидуален, неконвенционален и уникатен Етио-џез стил, кој во своето јадро ги содржи основните музички концепти на етиопската музика  (како употребата на пентатонската скала). Како единствен вибрафонист на сцената на главниот град, Адис Абеба, Астатке ги комбинира традиционалните звуци со џезот, латино музиката и западната психоделија развивајќи уникатен звук. Неговите албуми, пред се, се фокусираат на инструменталната музика, а Астатке се појавува и на трите најпознати инструментални албуми, објавени за време на „златната ера“ на Етиопија во ’70-тите години, соопшти организаторот.

Астатке се прослави на светската сцена во 2005 година, како автор на саундтракот за филмот „Скршено цвеќе“ (Broken Flowers) на Џим Џармуш. Неговиот последен албум „Sketches Of Ethiopia" издаден во 2013 година влече инспирација од сите правци на етиопската музика.

- Во него Астатке користи широк дијапазон на експериментални локални инструменти со цел да ја истражи богатата културна палета на оваа источно-африканска држава. Меѓу етиопските инструменти кои тој ги користи се масинко, крар и вашинт, а од традиционалните џез инструменти пијано, бас, саксофон, труба и виолончело, како и западно-африканскиот инструмент кора кој наликува на харфа. Музиката на Астатке ги комбинира урбаните темпа со традиционалниот рурален фолклорен стил, и го содржи неговиот заштитен знак - Етио-џез фузијата на латино удиралки и африкански фанк ритам, вели организаторот на Офф-фест. 

26.02.2014 - 09:38

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега