Апел да се прекине со уништувањето на опремата за осветлување на патиштата
Со апел да не се уништуваат поставените светилку покрај патиштата и клучките, денеска излезе Јавното претпријатие за државни патишта.
Од таму информираат дека во поголемите градови, во неколку наврати се забележани повеќе оштетувања на опремата за осветлување, особено кај делот на обиколницата на влезот на Скопје на патните правци Тетово - Скопје и обратно, и кај делот на клучката Кондово и покрај зголемените активности на безбедноста.
Јавното претпријатие за државни патишта денеска преку соопштение апелира да не се оштетува поставеното осветлување на патиштата и клучките.
- Деновиве поради пресекување на кабелот за напојување со електрична енергија на клучката Кондово во делот на кракот кон влезот на Скопје во прекин беше осветлувањето на оваа делница. На оваа клучка во повеќе наврати од страна на непознати лица извршени се оштетувања на опремата, украден е напојниот трансформатор, на двапати е извршена кражба на кабел, во три наврати е пресечен кабелот, а во повеќе наврати оштетена е и опремата на столбната трафостаница, соопштува претпријатието од каде за сите нелегални активности ја информирале МВР.
Јавното претпријатие за државни патишта истакнува дека оштетувањата на каблите и на разводните ормари доведуваат до нефункционалност во осветлувањето на коловозот, а со тоа и директно загрозување на безбедноста во сообраќајот. Апел да не се оштетуваат јавните добра бидејќи, како што укажува, осветлувањата, особено на клучките на влезовите во градовите, придонесуваат за зголемување на безбедноста во сообраќајот за сите граѓани на нашата држава, а со тоа се намалува можноста за несреќи на патиштата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа