Ристовски: Учебниците од реномираните универзитети ќе го подобрат квалитетот на студиите

 

Проектот „Илјада учебници од светски најреномирани универзитети“ претставува капитален проект со кој се овозможува нашите студенти да учат од литература од која учат и студентите на Сорбона, Кембриџ, Харвард... Тој треба да овозможи подигнување на критериумите, стандардите и квалитетите на кадрите што ќе излезат од нашите универзитети. Изборот е направен на предлог на самите факултети и универзитети. Со донесеното законско решение не наметнавме ништо поразлично од тоа што се употребува во цела Европа и цел свет.

Ова е одговорот на министерот за образование и наука Спиро Ристовски, на обвинувањата на опозицијата дека со вчера усвоеното законско решение на факултетите им се наметнува литература по која треба да работат и оти така ја нарушуваат нивната автономија.

- Проектот „Илјада учебници од светски најреномирани универзитети“ претставува еден капитален проект, за кој јас навистина со разочарување можам да констатирам дека некој го квалификува како катастрофален. Јас не гледам ништо катастрофално во фактот да се преведуваат и употребуваат учебници од светски најреномираните универзитети. За мене воопшто не е катастрофален проект, проект во кој што се изучува од учебници од Сорбона, Кембриџ, Харвард... Станува збор за светски најреномираните универзитети, за светски најреномирани професори, учебници по кои се учи на тие универзитети, рече Ристовски.

Додаде дека тие не сакаат ниту наметнуваат ништо поразлично од тоа што се употребува во цела Европа и во цел свет.

- Ние не наметнуваме употреба на учебници по секоја цена, ние ги пропишуваме фактички во закон како задолжителна литература затоа што нашата крајна цел е подигнување на критериумите, стандардите и квалитетите. Ако говориме за подигнување на квалитети и стандарди во Република Македонија по критериуми кои што се единствено мерливи на признатите светски ранг листи од аспект на квалитет на универзитети како што е Шангајската листа, јасно и евидентно е дека тие универзитети во моментот имаат најквалитетни образовни програми, најквалитетни учебници и ние во оваа прилика сакаме да овозможиме македонските студенти да учат од истите тие учебници и на тој начин да се обезбеди зголемен квалитет на образовниот систем во Република Македонија, додаде министерот за образование и наука.

Тој посочи дека тие ќе овозможат и индивидуален бенефит за секој студент поединечно во Македонија затоа што, како што рече, ќе учи од истите материјали од кои што учат студентите на најреномираните светски универзитети.

Владата, појасни, само ги отпечатила учебниците кои беа доставени како предлог од самите универзитети и факултети. - Тие ги доставија и креираа листите на учебници кои им се неопходни да бидат преведени и употребени во наставата така што станува збор за една директна соработка помеѓу универзитетите и Владата. Тие ги доставија листите, ние ги отпечативме и ги обезбедивме во најголем дел и истите им ги даваме на употреба во овој момент, истакна министерот Ристовски. 

МИА

22.02.2014 - 14:35
Фото: 
Денешен

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега