Во Македонија откриени 15 жени - жртви на трговија со луѓе - девет од нив се малолетни
Вкупно 15 лица, сите од женски пол лани биле жртви на трговија со луѓе во Република Македонија. Девет од жртвите биле малолетни.
Според годишниот извештај на Националниот известувач за борба против трговијата со луѓе и илегалната миграција во Република Македонија, најзастапена е сексуaлната експлоатација, двојна-сексуална и трудова експолатација.
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска истакна дека жените се најчести жртви на трговија со луѓе и истите најчесто се на возраст од 13 до 22 години, со средно, основно или без никакво образование. Жртвите најчесто се од македонска, албанска и ромска националност и речиси сите потекнуваат од дисфукционлани семејства со разведени родители, кај кои е присутна некоја од социопатолошките појави.
Меѓу македонските државјанки кои биле жртви на трговија со луѓе, најголем дел се малолетни и најчесто потекнуваат од дисфункционални семејства од Гостивар, Тетово, Гевгелија, Куманово и Скопје.
-Секторот за трговија со луѓе и илегална миграција има поднесено кривични пријави против 8 лица, од кои двајца се полициски службеници, а од страна на Основниот суд Скопје 1 постапувано е по 54 предмети во кои се обвинети 85 лица, а изречена е казна затвор за 82 лица од 6 месеци до 10 години, а условно се казнети две лица, рече денеска Јанкулоска.
Минатата година биле идентификувани уште 82 потенцијални жртви на трговија со луѓе, кои, според Јанкулоска, потекнуваат од оние социјално ризични категории, кои се специфични за овој тип на криминал.
-Во текот на минатата година покрај фактот што е обезбедено сместување и поддршка за 9 лица жртви на трговија со луѓе, истовремено беше обезбедена и стручна помош и советување, специјализирани прегледи, соодветни лекарства и вклучување на жртвите во образовниот процес, рече Јанкулоска, истакнувајќи дека истата грижа и третман го добиле и странските државјани кои биле жртви на трговија со луѓе.
Во Прифатниот центар за странци лани биле сместени 12 странски државјанки, од кои 5 биле идентификувани како жртви на трговија со луѓе, информираше Јанкулоска, додавајќи дека се добиени и оштетни побарувања за 4 жртви, во износ од 400.000 денари за секоја жртва.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа