Поучна приказна која ќе ви ја открие тајната на успешниот брак

 

Поучна приказна која вреди да се прочита . Еден брачен пар поминале заедно 60 години во брак и ниту еден од нив во текот на заедничкиот живот ништо не криел пред неговиот брачен другар.
Заедно биле многу среќни, неизмерно се сакале, разговарале за сѐ и сешто и си помагале ден на друг.
Помеѓу нив не постоеле никакви тајни.

Сопругата која била веќе бабичка, чувала една кутија во плакарот во нивниот дом и неколку пати го опоменувала и потсетувала сопругот дека не смее да ја отвори кутијата и да не ја прашува што има во неа.
Мажот ја почитувал нејзината желба, па затоа никогаш не прашал што се наоѓа во таа кутија сѐ до денот кога докторот го известил дека деновите на неговата сопруга веќе се избројани.

Сопругот бил многу тажен и несреќен. Почнал да размислува за тоа дека наскоро ќе стане вдовец и почнал да разгледува наоколу во нивната куќа кои работи ќе останат од неговата сопруга кои ќе го потсетуваат на неа кога неа ќе ја нема. Разгледувајќи ја забележал кутијата која се наоѓала во плакарот. Без размислување ја зел и ја однел до креветот на кој лежела неговата сакана сопруга.

Таа кога забележала дека тој ја носи кутијата се насмевнала. Со насолзени очи гледајќи го нејзиниот сакан сопруг, била свесна дека ќе го напушти за скоро време па затоа му рекла: „Сега можеш да ја отвориш кутијата”.

Мажот ја отворил кутијата и во неа здогледал две мали кукли сошиени од крпчиња, игли и конци за шиење, парчиња материјали и 25.000 долари.
Веднаш ја  прашал сопругата зошто тие работи ги криела од него сите години.

Жената со шепотење му одговорила:

„Кога се омажив мојата мајка ми кажа дека тајната за добар и успешен брак е да се избегнуваат кавги и расправии. Исто таа ме посоветува дека секој пат кога ќе се налутам на тебе да земам игла и конец и од разни парчиња материјал да сошијам една кукла.”

Мажот кога ги слушнал зборовите од неговата сакана сопруга скоро и да заплакал.
Ѝ рекол: „Само две кукли?! Значи дека за сите овие заеднички поминати шеесет години брак ти само два пати ми се налути?!”

Иако бил тажен затоа што неговата сопруга била на смртна постела, истовремено се почувствувал и среќен бидејќи си помислил дека само два пати во текот на животот ја налутил неговата сопруга.
„Добро, сега ми е јасно за куклите, но што е со овие 25.000 долари?” – ја прашал.

Жената криејќи ги нејзините солзи за да не го натажи уште повеќе, со последни сили му рекла: „Во текот на целиот наш заеднички живот толку пари успеав да соберам, продавајќи ги куклите кои ги шиев.” 

Извор Попара

18.02.2014 - 13:22

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега