ФОТО: Американска донација за детско игралиште во Карпош

 

Денеска, во дворот на ООУ „Јан Амос Коменски“ свечено беше пуштено во употреба ново детско игралиште, за кое финансиската конструкција ја обезбедија „Глобал конекшнс“ и „Кроу колеџ“ од Минесота, САД, а поддршка обезбеди Општина Карпош. Црвената лента симболично ја пресекоа градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, претставникот на „Глобал конекшнс“, Брајан Стаут, и директорката на основното училиште, Емилија Арсовска.

-Во своето обраќање до присутните, претставникот на донаторот, господин Брајан Стаут, рече дека три од неговите пет деца учат токму во тоа училиште и подвлече дека донацијата не би ја постигнала својата цел доколку волонтерите од „Кроу колеџ“, кои работеа на проектот „Другаруваме и спортуваме“, не се внесеа во работата со многу љубов, особено затоа што рокот за да се заврши игралиштето беше две недели, информираат од Општината-

Јакимовски, пак, изрази благодарност до „Глобал конекшнс“ и до „Кроу колеџ“ што одлучиле да донираат за детско игралиште во Карпош.

- Особено ми е драго што Соединетите Американски Држави, не само преку амбасадата во Република Македонија и преку УСАИД, туку и на други начини и преку други проекти вложуваат во Македонија – рече градоначалникот Јакимовски, подвлекувајќи дека оваа донација и понатаму ќе се дополнува, со нови реквизити, но и дека ќе се внимава да се сочува тоа што е досега вложено.

Благодарници за учеството и за поддршката на проектот на претставниците на „Кроу колеџ“, „Глобал конекшнс“, на „Хидроградежен инженеринг“ – Скопје и „Еуроинвестинг – инк“ – Тетово, фирмите-изведувачи, како и на градоначалникот Стевчо Јакимовски им врачи директорката на училиштето, госпоѓа Емилија Арсовска. 

 

најчитано сега