Трескавец ќе се обновува фаза по фаза - изградбата ќе чини над 77 милиони денари

 

Mанастирскиот комплекс „Успение на пресвета Богородица“ Трескавец, кој пред точно една година изгоре во катастрофален пожар, ќе се обновува во фаза по фаза.

На денешната прес-конференција во прилепската локална самоуправа беше  истакнато дека проектот за обнова на манастирот се доработува, а изградбата ќе чини 77.432.000 денари.

- Се доработуваат некои делови на проектот за што поавтентичен изглед на манастирските конаци. Станува збор за површина од 1.400 метри квадратни. Откако ќе се доработи, последниот збор го има Националниот конзерваторски центар од Скопје за потоа да се распише тендерот за изведувач. Ќе се гради фаза по фаза и според пресметките се ќе чини 77. 432.000 денари, вели директорката на Прилепскиот завод и музеј, Гордана Данилоска Спироска.

Прилепскиот градоначалник информираше дека незапирливо тече донаторската акција за обнова на конаците.

- Досега фирми, граѓани, институции, а донира и локалната самоуправа се собрани околу 100.000 евра. За рекордно време се изгради и патот до манастирот во должина од седум и пол километри. Со два милиона евра го финансираше Министерството за транспорт и врски. Патот многу ги олеснува работите – и за посетителите да стигнат до манастирот и за полесно да се одвиваат идните градежни работи, изјави Ристески.

Тој очекува работите за обнова на конаците да почнат со новата градежна сезона.

- Се надеваме дека со новата градежна сезона ќе почне обновата.  Фаза по фаза. Уверувам дека изградбата на конаците ќе заврши за околу две години, вели Ристески.

Откако е изграден патот до манастирот Трескавец, пуштен во употреба на 28 август 2013 на празникот Голема Богородица, манастирскиот комплекс и споменик на културата го посетиле над 50.000 туристи.

04.02.2014 - 15:15
Фото: 
Денешен

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега