Пратениците расправаат за измените на Кривичниот законик и Законот за градење

 

Пратениците денеска во рамките на 84. седница ги разгледа измените на Кривичниот законик и измените на законите за јавни набавки и за градење.

Со измените на Кривичниот законик се предлага воедначување на казните за исти кривични дела. Министерот за правда Блерим Беџети, појасни дека предложените измени имаат повеќе позитивни придобивки како што се исти казни за исти кривични дела и однапред ќе се знае колкава е казната за одредено кривично дело, додека според опозицијата предложените измени претставуваат директна повреда на Уставот, а со воведувањето на правилникот ќе се дерогира законот.

Исто така и за време на расправата по измените на Законот за градење, пратениците од СДСМ се изјаснија дека законот е противуставен и се носи во неделовничка процедура.  

Јани Макрадули од СДСМ рече дека законот е против архитектите  и нивната професија затоа што со измените се предлага одлуката за изгледот на фасадите на зградите да ја носи Советот на општината, а неговиот сопартиец Благоја Стојановски оцени дека со овој закон се крши Уставот, односно начелото за приватна сопственост, бидејќи со одлука на Советот може да се менуваат фасадите, а притоа за тоа да не се бара согласност од станарите. Од друга страна, според Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ, измените ќе доведат до подобрување на законот и со нив ќе се надминуваат пропустите што се воочени во изминатиот период.   

Пратениците ќе гласаат по 15 часот.

04.02.2014 - 14:45

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега