Стојаноски: Македонија со нов закон ги искоренува сивата економија и ги штити работниците

 


Со голема гордост е изгласан Законот за привремено и сезонско ангажирање лица, што претставува историски чекор за Република Македонија, како што соопшти Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ. Овој закон, предложен од ВМРО-ДПМНЕ и поддржан од повеќе парламентарни партии, има за цел да зададе силен удар врз сивата економија и истовремено да ги унапреди работничките права.

„За прв пат во историјата на Република Македонија се усвои еден ваков закон кој е на барање на работниците и работодавачите“, истакна Стојаноски.

Законот создава нови можности и олеснителни околности за работодавачите да можат да ги пријават своите сезонски работници или оние ангажирани на одреден период. Со тоа, се обезбедуваат услови работниците да добијат пензиски и здравствени придонеси за својот труд, додека државата ќе ги наплати давачките кои во моментов се дел од сивата економија.

Особено значајно е што лицата ангажирани според овој закон нема да ги изгубат веќе стекнатите права, како што се социјална помош, надомест поради невработеност, семејна или старосна пензија, како и стипендија или правото на редовни студии.

Овој законски пакет ги опфаќа следниве категории граѓани:

  • Пензионери
  • Студенти
  • Сезонски работници, особено оние ангажирани во земјоделството, овоштарството, угостителството и сервисните дејности
  • Невработени, но и вработени лица
  • Лица помлади од 18 години кои ги исполнуваат условите за работа
  • Странци со регулиран престој

За ефикасно спроведување на законот, предвидена е иновативна софтверска платформа – дигитален регистар, кој ќе ги поврзува работодавците, работниците и институциите. Оваа платформа ќе биде финансирана со грант од меѓународни партнери, поточно од Сојузна Република Германија.

„Продолжуваме да работиме и на други вакви, современи законски решенија, се со цел Македонија да биде пристојно место за живот, за секој еден“, порача пратеникот Бојан Стојаноски.

21.05.2025 - 12:04

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега