МАН: Партиите да престанат да ги злоупотребуваат личните и деловните податоци на новинарите
Од Македонската Асоцијација на новинари (МАН) сметаат дека политичките партии ги злоупотребуваат новинарите и медиумите за свои предизборни потреби
Во продолжение, следува интегрален текст од соопштението на МАН
Начинот на кој политичките партии објавуваат и манипулираат со лични и деловни податоци за новинари е политичко уништување на личноста и професијата новинарство. Доколку ова стане пракса на политичките партии новинарството нема да може да постои како професија со авторитет.
Двете страни да престанат со објавување, употреба и злоупотреба на лични и деловни податоци на новинари и редакции. Доколку за некој новинар или редакција има сознанија за незаконско работење да поднесат соодветни пријави.
Досега изнесеното од страна на политичките партии против новинари и редакции го сметаме за злоупотреба и за опасно како за новинарството како професија, така и за воспоставување на пракса за злоуптреба на новинарската професија, а утре можеби и на другите професии кога можеби ќе се манипулира со податоците на професори, лекари...
Ги повикуваме новинарите и редакциите да се воздржат од меѓусебни пресметки водени од податоци и информации објавени од политички партии и да се држат до правилото: пред јавноста одговараат оние кои располагаат и владеат со јавните пари, а тоа се политичарите.
За ваквиот чекор и ставовите МАН има поддршка и од амбасадите во Република Македонија.
Македонската асоцијација на новинари очекува Здружението на новинари да се приклучи кон ставовите со цел заеднички да се настапи за заштита на честа и угледот на новинарите и редакциите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа