Нова опрема, едуциран кадар, реновирани одделенија - што доби „8 Септември“ во последните 3 години?
ЈЗУ Градска општа болница „8 Септември“-Скопје во последните три години континуирано добива нова медицинска опрема која се инсталира веднаш и во најкраток можен рок се пушта во употреба, а во меѓувреме се одвива и едукацијата на кадарот. Со пуштањето во употреба на секој апарат болницата располага со едуциран кадар кој со него ќе работи, истакна директорот на Градската општа болница „8 Септември“, проф. д-р Сашо Стојчев на денешната рпес-конференција, додавајќи дека годинава се планира доопремување на повеќе одделенија со најсовремена опрема, вредна околу четири милиони евра, обезбедени од Владата.
Тој истакна дека во март минатата година болницата доби четири нови дигитални рендгени од германската марка „Сименс“ вредни околу милион евра. Еден од нив завеши во операциската сала по ортопедија и трауматологија, а другите во трите радиолошки сали на рендген одделот. Со нив, појасни Стојчев, е драстично зголемен бројот на квалитетни здравствени услуги.
- Добивме и пет ехо апарати од италијанската фирма „Essaote“ вредни 450.000 евра, поставени одделенијата за кардиологија, гастроентерохепатологија, дерматовенерологија, урологија, неврологија. Со нив добивме и поголем број сонди за повеќенаменско испитување. Очекуваме да се добијат уште две сонди до крајот на наредниот месец со кои би можеле да работиме и регуларно рутински биопсија на простата, рече Стојчев.
Покрај овие апарати, има и од производителот „Олимпус“-Jaпонија, наменети за гастроскопија, колоноскопија и латерална гастроскопија ERCP, кои веднаш се ставени во функција, и се вредни над 500.000 евра.
- На Одделението за неврологија инсталирани се апарат за електроенцефалографија со мапинг и за електромионеурографија со апарат за евоцирани потенцијали кои се ставени во функција. За дерматовенерологија набавени се компјутеризиран дерматоскоп од германската фирма „Фотофајндер“ со посебен софтвер за препознавање кожни малигноми, вреден 75.000 евра и аблативно-неаблативен тераписки ласер за кој се уште трае едукацијата на двајца доктори, истакна Стојчев.
Стојчев зборуваше и за градежните активности реализирани во 2013 година во болницата „8 Септември“.
Одделението за неврологија, истакна тој, е комплетно реновирано и проширено и во моментот располага со повеќе кревети, односно со 24 кревети.
- Одделението за неврологија со интензивна невролошка нега за тешки случаи на болни со мозочен удар располага со 10 интензивни кревети со медицински гасови со централно следење со мониторинг на виталните параметри и повеќе десетици инфузиски пумпи за одредена терапија. Ваква интензивна нега првпат се отвора во државата. На Одделението рутински е отпочнато да се работи тромболитична терапија, рече Стојчев.
Тој нагласи дека реновирани биле шест одделенија кои се пуштени во употреба, а наредните десетина дена ќе биде пуштено и Одделението за психијатрија кое е реновирано и проширено. Потсети дека минатата година стартуваше Центарот за дијализа со 34 приклучоци, кој во две смени може да прими над 130 пациенти, а во моментот има 75 пациенти.
- Минатата година почнавме проект со реновирање и проширување на Ургентниот центар кој ќе биде преименуван во дежурна служба. Во него ќе се изградат две операциски сали во кои ќе се врши обука на медицинскиот персонал кој ќе оди во мировни мисии. Станува збор за инвестиција од Американската амбасада, вредна 480.000 долари. Останатиот дел од Ургентниот центар со околу 45 милиони денари го инвестира болницата со поддршка од Министерството и Фондот за здравствено осигурување, додаде Стојчев.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека по 1 јануари 2012 година со новиот начин на упатување на пациентите се изменети околностите под кои работат и бројот на пациентите е многукратно зголемен.
- Имаме зголемен број амбулантно поликлинички прегледи. Во 2011 година имавме околу 100.000 прегледи, во 2012 година - 139.500, а оваа година сме над 160.000 амбулантски прегледи. Оптоварени се лабораторијата, одделението за радиологија, рендген дијагностиката, особено со новите апарати. Во однос на 2009 година кога сме биле Воена болница одредени услуги на рендген, лабораторија..., се три до четири пати зголемени. Половина од услугите се во рамки на терцијарно здравство и тоа е наша заслуга и чест, рече Стојчев.
Посочи дека на одделенијата за урологија, ортопедија, гастроентерохепатологија, за преглед се чека од 20 до 40 дена за амбулантно-поликлиничката служба, а за магнетната резонанца и компјутерска томографија некогаш и повеќе од два месеца. Со цел нешто да растоварат се обиделе таму каде што имаат доволен број доктори да воведат две смени.
- На Урологија сме во фаза на изградба на втора амбуланта. Се работи премногу интензивно. Се плашам секогаш кога има премногу работа да не дојде во прашање квалитетот на прегледот. Имаме жалби особено од одделенијата каде има многу пациенти, да се намали времето потребно за преглед. Имаме интервенција од Лекарската комора дека прегледите не треба да траат помалку од 20 минути, но реално од 20 до 30 минути. Сите прегледи кои траат под 20 минути постои ризик од лекарска грешка бидејќи пациентите се многу нетрпеливи, рече Стојчев.
Стојчев информираше дека болницата има доволен број доктори, а она што во моментот им недостига е средно медицинскиот персонал и администрацијата која исто така е ангажирана во попладневните часови.
Одговарајќи на новинарско прашање, директорот објасни дека најголемите жалби од докторите кои се ангажирани во втора смена се поради тоа што наредниот ден тие се преморени и се одложуваат одредени оперативни интервенции, што не смее да се случува таму каде што има малигноми.
- Правевме анализа според која од 35 до 40 проценти од пациенти и амбулантско поликлинички и болнички не се од Скопје. Некои интервенции се одложуваат поради тоа што докторите се прекумерно ангажирано со дежурства, а некогаш ги одложуваме особено ортопедските закажани операции поради трауматските случаи кои се неочекувано во зголемен број упатени во нашата установа. Отворивме и оперативна сала по потреба и во попладневните часови заради решавање на овие итни трауматолошки случаи, рече Стојчев.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа