Пратениците расправаат за јавниот долг

 

Во рамки на продолжението на 82. седница денеска пратениците расправаат за  висината, структурата, транспарентноста и намената на јавниот долг на Република Македонија, поднесена од пратеници од опозициските партии. 

Опозициските пратеници обвинија дека  надлежните институции не ги објавуваат податоците за јавниот долг. Владата, сметаат, вештачки го намалува точниот износ на јавниот долг и ги надминува таргетите за управување со долгот.  Целата политика ја темелела на земање кредити во функција на задржување на своите позиции, а не во интерес на граѓаните.  Таквите тврдења, за пратениците од владејачкото мнозинство, се неиздржани, затоа што Владата не криела податоци и е транспарентна, а за резултатите во работењето има потврда од меѓународните финансиски институции. Сите информации за долгот, посочија, се  проследуваат и до НБРМ и Еуростат, ММФ, Светската банка, ниту една не е пласирана погрешно и никој од нив не кажува дека долгот и стратегијата за јавен долг се променети во однос на утврденото. 

Марјанчо Николов од СДСМ оцени дека Владата ги крие податоците за јавниот долг.

 -  Се објавува само долгот на централната Влада, што е дел од јавниот долг. И овие податоци треба да не загрижат. Покажуваат дека од 2008 година долгот е практично дуплиран и изнесува 2 милијарди и 727 милиони евра, или 34 проценти од БДП, рече Николов. 

Во реплика, Ромео Тренев од ВМРО-ДПМНЕ рече дека Македонија е далеку од таквите состојби.

- Кажавте дека  државата зема кредити, но не и оти враќа пари од кредити кои ги зела вашата влада, наведе Тренев, истакнувајќи дека оценките од меѓунаридните финансиски институции и фактите покажуваат оти Владата добро се снаоѓа со јавните финансии. Како може да кажете дека сме го зголемиле долгот, кога 38 проценти кога вие бевте на власт е повеќе од 34  проценти. Сега е 34 проценти и тоа се непобитни  факти, рече Тренев, укажувајќи на извештајот на Светска банка според која Македонија е четврта најниско задолжена земја во Европа.

За Надица Танчева Тулиева од ВМРО-ДПМНЕ Андонов ја манипулира јавноста. - Кога Македонија се задолжува од странски кредити ние носиме тука закони. Зошто тогаш велите дека Владата го крие долгот, праша Тулиева.   

Расправата ќе продолжи по редовната пауза.

29.01.2014 - 13:22

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега