Груевски: Ќе ги почитуваме одредбите од Изборниот законик но тоа нема да му помогне на СДСМ

 Подготвени сме да ги почитуваме сите одредби од Изборниот законик во кој прифативме да се вметне речиси се што бараа од СДСМ. Верувам дека по наредните избори кои СДСМ ќе ги загуби, ќе сфатат дека мислењето на граѓаните не се формира во последните 20 до 40 денови, туку за време на целиот мандат, рече премиерот Никола Груевски, како одговор на вчерашното барање на лидерот на СДСМ Зоран Заев дека донесениот Изборен законик треба да се почитува.

- Верувам дека после следните избори и после следниот пораз кој ќе го доживее СДСМ конечно ќе сфатат дека 20 или 40 денови пред избори не играат улога за граѓаните да формираат мислење или да стекнат доверба во одредени политичари, политички партии или политички опции. Тоа што 40 дена нема да смееме да се појавиме никаде и доколку се појавиме на некои настани кои се опишани во Законот ќе добиеме кривични пријави или казна затвор нема да им помогне на СДСМ да го сменат мислењето на граѓаните во толку краток период, рече премиерот Груевски по денешната промоција на 60 нови наслови од едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“.

Се надевам, рече Груевски, дека овој пат на нивното размислување ќе влијае фактот дека политичарот се цени за целиот период на неговото работење.

- Луѓето постојано не следат ги ценат нашите постапки, ги следат нашите изјави, нашите чекори што ги правиме, нашите грешки и на крајот тие веќе во најголем дел имаат формирано мислење. Заблудата на СДСМ е во тоа што верува дека луѓето го формираат мислењето во последните 20 до 40 дена пред изборите. Можеби тоа е некој мал процент, но најголем дел од луѓето мсилењето го формираат во периодот во кој одредени политичари како се однесувале, а тоа е период од две, три, четири или повеќе години, истакна Груевски.

Премиерот рече дека е задоволен што СДСМ јавно го искажале задоволството од прифатените работи во Законот кои беа предложени од нивна страна.

- Тоа е ретка можност од нив да се слушне такво нешто. Не знам ни како би можеле да бидат незадоволни, бидејќи им прифативме речиси се, дури и работи кои по наше мислење се многу чудни и несекојдневни, како што е ставање на прстот во мастило на секој кој што гласа. Тоа е нешто зад кое ние не стоиме, но тие инсистираа и за мир во куќа моравме да го прифатиме, рече Груевски, потенцирајќи дека ќе се почитуваат сите одредби од Изборниот законик, како што, според него, тоа секогаш и се правело.

26.01.2014 - 14:41

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега