"Ние гледаме луѓе": Црвениот крст слави 80 години хуманост

 


Под слоганот „Ние гледаме луѓе“, Црвениот крст вечерва со свечена академија одбележа 80 години постоење. Одбележувањето се одржа во Македонскиот народен театар, под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

На свечената академија присуствуваа претседателката Сиљановска-Давкова, претседателот на Собранието Африм Гаши, првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, амбасадори, пратеници, градоначалници, претставници на Владата, правосудството, државните и образовните институции.

Претседателката Давкова истакна дека со закон може да се регулираат надворешните дејствија, но не и внатрешните мотиви на луѓето. 

-Сте се запрашале ли, зошто една од првите одлуки на асномска Македонија било формирањето на Црвениот крст на Македонија? Зарем новоформираната држава немала погорливи прашања на дневен ред, како разурнатата инфраструктура и индустрија, високото ниво на неписменост и сеприсутната сиромаштија? Зарем немало поитни закони што требало да се донесат или поважни институции што требало да се воспостават основоположниците на асномска Македонија биле свесни дека ниту најдобрите закони, сами по себе, не се доволни за да изградат чувство на заедништво и на солидарност. Со закон може да се регулираат надворешните дејствија, но не и внатрешните мотиви на луѓето. Со закон можете да санкционирате лошо поведение, но не можете да создадете пожртвувани луѓе. Бидејќи човековото срце чука според ритамот на многу поразличен, етички закон на хуманоста којашто ги поврзува луѓето од различни вери, светогледи и епохи, истакна претседателката. 

Потенцира дека од сега па натаму, во нашата индивидуална и колективна меморија, 16 март – денот на кочанската трагедија и 17 март – денот на Црвениот крст ќе бидат врежани како датуми во кои страдањето и солидарноста, тагата и утехата, болката и хуманоста ќе бидат нераздвојно поврзани.

Претседателката нагласи дека изминативе 30-тина години како држава и како општество се соочивме и со многу внатрешни кризи предизвикани, меѓу другото, и од неправедните блокади на нашиот европски пат.

-Овие неправди создадоа услови за партизација на институциите, етнизација на политиката, поларизација на општеството и безмилосна трка за профит и за моќ, во којашто малкумина се добитници, а многумина губитници.  Социјалната нееднаквост и општествената недоверба го обесхрабрија волонтерството. Иако се гордееме дека сме татковина на Мајка Тереза, сепак, меѓу последните сме во Европа според нивото на волонтерство и на активизам, нагласи претседателката Сиљановска-Давкова.

Претседателот на Црвен крст, Ромео Велев истакна дека ова е јубилеј што зборува за континуитет, раст и посветеност - осум децении исполнети со ангажман, напорна работа и љубов кон човекот. Потсети дека нивното патување почна во 1945 година, веднаш по Првото заседание на АСНОМ, со основачкото собрание на 17 март. Како што нагласи тој, од тие скромни почетоци до денес, оваа организација ја одразува историјата на нашата земја и нејзините граѓани. Потенцира дека во текот на овие осум децении, Црвениот крст на Македонија не беше само сведок, туку и активен учесник и столб на поддршка во најтешките мигови.

-Од грижата за бегалците по Втората светска војна, до помошта за стотици илјади бегалци и раселени во воените конфликти на Балканот, па сè до соочување со современите предизвици како мигрантската криза и пандемијата на Ковид-19, нашата посветеност никогаш не ослабна. Во природните катастрофи - како катастрофалниот земјотрес во Скопје, големите поплави низ земјата, земјотресите и катастрофите во соседните и подалечните земји - секогаш бевме на првата линија на помошта. Кога тлото се тресеше, кога водата носеше домови, кога огнот голташе села, ние не прашувавме - туку делувавме, рече тој.

Велев нагласи дека овој јубилеј не е само прослава на минатото, туку е и повик за иднината.

-Тој нè потсетува дека хуманоста нема возраст, нема граници, нема крај. Нашето најголемо богатство се луѓето - и оние на кои им помагаме, и оние кои се доброволци, дарители, вработени и поддржувачи. Кога ќе погледнеме назад, ќе видиме илјадници волонтери со препознатливата маичка и амблем, како со насмевка, но и со умор во очите, ја носат хуманоста таму каде што најмногу недостасува. Ќе ги видиме како даруваат крв, обезбедуваат прва помош и психосоциална подршка, храна и лекови, спроведуваат обуки, подготвуваат пакети за ранливите, овозможуваат нега на стари и лица со посебни потреби и помагаат без да прашаат „зошто“ - Бидејќи тие знаат зошто. Црвениот Крст на Република Северна Македонија не е само организација – тоа е движење. Тоа е совест на општеството, рече претседателот на Црвениот крст, Велев.

Генералниот секретар на Црвен крст, Саит Саити истакна дека оваа вечер треба да не поврзе не само по титули и улоги, туку по вредностите што не прават луѓе. Оваа вечер, како што потенцира, нека биде потсетник: дека човекот не се мери по тоа што го има, туку по тоа што го дава.

-И во мигови како овие, да се навратиме на добрината што ткае надеж. Тивката добрина, таа е тивка но вечна. Да бидеме глас на тивките, рамо на слабите и светлина за изгубените. Во минатото, кога кризите беа тешки, а ресурсите ограничени, ние не гледавме само потреби — гледавме човечки лица, лични приказни, болка што бараше разбирање и рака што подава. Денес, кога светот е побрз, но често поделен, кога луѓето се поблиску преку технологијата, а подалеку преку емпатијата — ние сè уште гледаме луѓе. А во иднина, ние нема да гледаме само нови технологии, стратегии и предизвици — ние ќе гледаме луѓе. Ќе гледаме генерации што растат со вредности на солидарност, системи што се градат врз основа на еднаквост и грижа, и свет во кој хуманоста не е опција — туку потреба. Затоа, нашата мисија продолжува. Бидејќи како и до сега, и утре, и секогаш — ние ќе гледаме луѓе. Нека оваа вечер не заврши со аплауз – туку продолжи во нашите срца, како повик да бидеме подобри, по-посветени и похрабри. Сè што правиме за себе исчезнува со нас, а сè што правиме за другите останува како трајна вредност што живее и по нас, рече Саити.

19.05.2025 - 22:51

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега