Распишан огласот за изградба на Костинци - Зрзе - манастир „Св.Преображение Христово“
Министерството за транспорт и врски распиша оглас за доставување понуди за изградба на пат Костинци – Зрзе – манастир „Св.Преображение Христово“ во општина Долнени.
- Овој пат е во должина од од 7,5 километри и ширина од 3,5 метри и треба да обезбеди современ и соодветен пристап до културно-историскиот микро регион на „Зрзе“, велат од Министерството.
Патот ќе ги поврзе населените места Костинци и Зрзе со манастирот „Св. Преображение Христово“ и согласно објавениот оглас краен рок за доставување на понудите од страна на заинтересираните компании кои сакаат да ја вршат изградбата е 17. февруари.
Откако ќе биде избрана компанија која ќе ги изведува градежните работи, рокот за целосна изградба на патот е 16 месеци. Од Министерството очекуваат градежните активности да почнат во првата половина на март оваа година.
- Се очекува дека изградбата на овој пат дополнително ќе придонесе кон развој на туризмот и овозможување што поголем број лица да го посетат манастирскиот комплекс во Зрзе. Со реализацијата на овој проект, манастирот ќе стане попристапен за верниците, но и за туристите кои ја посетуваат Македонија, информираат од Министерството за транспорт и врски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа