Хуманитарен концерт во чест на Тоше Проески

 

По повод роденденот на македонската музичка легенда Тоше Проески, вечерва во НУ „Центар за култура“ Крива Паланка, ќе се одржи хуманитарен концерт.

Концертот го организираше хуманитарното здружение „Хендикеп плус“ со поддршка од општина Крива Паланка, а е насловен „Чекориме по твојот пат“.

Kонцертот во Крива Паланка го иницираа неговите фанови, меѓу кои неколку млади кривопаланчанки кои по стапките на Тоше зачекорија на неговиот пат на хуманоста.

- Последната отпеана песна на Тоше беше „Се е ова премалку за крај“ и навистина имаше право. Неговите бројни хумани дела закогаш ќе останат запаметени. Името на Тоше значи светлина, надеж, па ние како здружение не можевме, а да не продолжиме да чекориме по неговата патека на хуманоста, патека на човечкиот живот, изјави претседателот на „Хендикеп плус“ Бранкица Димитровска.

На концертот ќе настапат Тајзи, Силви бенд, Андреј Миске, Борче Павлевски, Димитар Стоименов, Дејан Јованов, Гусар МЦ... кои уште еднаш ќе ја покажат својата хуманост.

Димитровска вели дека е среќна што во Крива Паланка за прв пат се организира хуманитарен концерт во чест на Тоше.

- Јас како организатор на овој хуманитарен настан мислам дека кривопаланчани уште еднаш ќе докажат дека кај нив е буден човекот со надеж дека овој концерт ќе остане традиција во нашиот град, рече таа.

Влезницата е со симболична сума од 50 денари, а собраните средства ќе бидат наменети за помош на социјално загрозени семејства во Македонија.

 

25.01.2014 - 11:53

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега