Промоција на спот и книга за роденденот на нашиот Тоше
Фондацијата Тоше Проески денеска ќе ја промовира книгата „Ова не е крај“ на Соња Алексоска Неделковска, која опфаќа сегменти од животот на македонската музичка легенда.
Книгата ќе се промовира денеска во чест на роденденот на Тоше, а на промоцијата свое обраќање ќе има министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
За животот на Тоше зборуваат повеќе од 80 соговорници. Сеќавања споделуваат членовите на најблиското семејство, сестрата Дора, зетот Славен Ристески, внукот Кристијан. Интересни случки од детството откриваат и неговите другари.
Во книгата ќе може да се најдат детали од почетоците на кариерата на македонската легенда, за првите настапи и првата отпеана песна. За неговиот професионален музички пат, спомени споделуваат македонските автори, изведувачи и продуценти, претставници на медиумите, како и познати имиња од светот на класичната музика и од спортот. За кариерата на Тоше во Србија свои искуства споделуваат неколку музички соработници и изведувачи и неколку познати српски новинари. Како Тоше ја освои Хрватска и Блаканот ќе откријат повеќе значајни личности од тамошниот музички пазар. Светски автори ќе го споделат искуството за соработката со нашата легенда при снимањето на албумот „The Hardest Thing”.
- Книгата ќе биде во луксузно пакување, правена е по терк на изданијата за светските ѕвезди. Во неа има фотографии на Тоше од неговиот приватен албум. На нив се овековечени моментите со неговото најблиско семејство, како и од детството, од првите чекори на снегот, првите настапи, концерти, фотосесии, велат од Фондацијата „Тоше проески“.
Денеска ќе биде промовиран и спот за песната „Жао ми е“, кој се снимаше во Бугарија. Во видеото е опишана љубовна приказна меѓу двајца млади, а во него Тоше се појавува во облека од античко време.
Од фондацијата „Тоше Проески - Крушево“ нагласуваат дека Тоше остави големо музичко наследство.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа