Се крчка нова странска инвестиција во Велес?

 

Министерот без ресор, Веле Самак, задолжен за привлекување на странски инвестиции, во петок оствари посета на Општина Велес, при што се сретна со градоначалникот Славчо Чадиев и со пратеникот во македонското собрание Илија Димовски. Toj се запозна со потенцијалните инвестициски можности што ги нуди градот. Според Самак, преговори со нови странски инвеститори има, но конечна одлука – се уште не.

„Од оние странски инвеститори  кои немаат донесено одлука имаме повеќе такви  проекти и нормално секогаш  е важно да сте подготвени на терен пред  да  дојдат. Колку од нив ќе успееме да убедиме да дојдат тоа е друго прашање“, вели Самак.

Градоначалникот Чадиев истакна дека како и досега така и понатаму ќе продолжи да се негува одличната соработка со Владата во насока на привлекување на странските инвеститори од областа на лесната индустрија која нема да има последици по животната средина.

Покрај индустриските зони во Велес, на странските инвеститори Владата им ги нуди и некогашните фабрики, чии погони сега се празни.

„Со министерот, Самак повторно мапиравме одредени зони и можности каде што во иднина би можеле да привлечеме некој заинтересиран инвеститор, за нас најважна е економијата и се надеваме дека во текот на оваа или наредната година ќе привлечеме нов инвеститор на територијата на Општина Велес“, напомена  Чадиев.

На средбата беше дискутирано и за тековните активности за реализација на инвестицијата на германската компанија „Маркарт” вредна над 35 милиони евра, како и текот на постапката за откуп на земјиштето. 

Инаку неодамна по пат на јавно наддавање земјиштето со површина од 100.000 м2 беше продадено по цена од 71 денар за м². 80% од вкупните средства ќе останат во касата на Општина Велес и ќе бидат наменети за нови развојни и инфраструктурни проекти со кои ќе се подобри и стандардот и животот на велешани.

24.01.2014 - 20:13

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега