Успешно заврши екстерното тестирање на матурантите
Со полагањето на вториот од двата предмети, денеска заврши екстерното тестирање на матурантите во 96 средни училишта во Македонија.
Според министерот за образование и наука Спиро Ристовски, двата дела од екстерното тестирање поминале непречено и не биле пријавени никакви технички проблеми. Оценките од тестирањето ќе бидат познати по обработката на тестовите и се очекуваат наскоро.
Екстерното тестирање опфати 21.854 ученици од завршните години средно образование (трета или четврта), 2.814 наставници по 1.524 предмети, а процесот го следеа 150 набљудувачи.
Ристовски е задоволен од успешното спроведување на тестирањето и им се заблагодари на вклучените институции и на сите поединци што учествувале.
- Чекорите кои ги презедовме во насока на унапредување на овој процес вродија со плод. Особено денеска, на полагањето на вториот предмет од екстерното оценување, немаше ниту една забелешка или пријавено каков било проблем од учениците, набљудувачите, тестаторите, администраторите на процесот. Ова се ученици кои, всушност, се тестираат вторпат, зашто беа трета година лани кога тестирањето првпат се спроведе. Овојпат прашањата им беа познати, беа речиси еден месец јавно достапни, а од сугестиите и забелешките беа извршени и одредени корекции, рече Ристовски.
Без оценка од екстерно тестирање матурантите нема да добијат свидетелство на крајот на учебната година. Оние, кои оправдано отсуствуваат, ќе бидат тестирани дополнително.
Екстерното тестирање за учениците од трето одделение до трета година средно, ќе биде спроведено во јуни.
Тестирањето беше воведено минатата учебна година и опфати околу 200.000 ученици. Целта е да се провери колку наставниците објективно го вреднуваат знаењето на учениците. Наскоро ќе биде објавена ранг-листа на наставници со најслаби и со најдобри резултати на минатогодишното екстерно тестирање, односно со најголеми и со најмали отстапувања во оценувањето.
- Со исплата на првата плата во 2014 година ќе биде објавена ранг-листа на наставници кои ќе бидат наградени и наставници на кои ќе им биде намалена платата поради големи негативни отстапувања на претходното екстерно тестирање, рече Ристовски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа