Министерство за транспорт: И Жерновски ќе го продавал земјиштето кај НБРМ за евро по квадрат

 

Министерството за транспорт и врски денеска ги повика партијата СДСМ и градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски да извршат увид во целокупната документација за продажба на земјиштето наменето за изградба на хотел во Маџир маало во Општина центар, што вчера беше поништена oткако пристигнаа документи од физички лица со кои докажуваат сопственост врз земјиштето.

Портпаролот на Министерството, Драган Симоновски на денешната прес-конференција покажа предлог - програма за работа во областа на располагањето со градежно земјиште во сопственост на Република Македонија која, како што рече, градоначалникот Жерновски ја поделил на советниците во општината во октомври 2013 година.

Интересно е, рече Симоновски, што во оваа Предлог-програма поделена од градоначалникот Жерновски се наоѓа и оваа локација, а во графата за проценка на финансиски приходи може да се види дека доколку од  страна на општината било продадено ова земјиште,  било предвидено да се продаде по цена од 61 денар, односно евро за метар квадратен.

- Оттука е јасно дека и општината располагала со истата документација, како и Министерството за транспорт и врски и се прашуваме зошто градоначалникот на Центар за овој предмет се обидува да прави медиумски сензации и да манипулира со јавноста кога самиот стои зад оваа  програма, рече денеска Симоновски.

СДСМ и Жерновски, посочи портпаролот на Минситерството, може во кое било време да извршат увид на целата документација во Министерството и самите да се уверат во транспарентноста и законитоста на предметот.

24.01.2014 - 14:38

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега