Свечено пречекани македонските мировници кои беа дел од ИСАФ во Авганистан
Во касарната „Чеде Филипоски-Даме“ денеска се одржа свеченост по повод враќањето на контигент на АРМ од составот на Првата механизирана пешадиска бригада од мисијата ИСАФ во Авганистан.
Командантот на контигентот полковник Боро Латкоски се заблагодари за поддршката, за како што рече, заедничката цел за правично преставување на македонското знаме и народ во НАТО: - Денес сите ние македонски старешини и војници гордо стоиме со едно реализирано дело а тоа е успешно и целосно реализирана мисија, рече Латкоски.
На свеченоста присуствуваше и министерот за одбрана, Талат Џафери, кој истакна дека војниците во изминатите шест месеци биле амбасадори на мирот на Република Македонија во меѓународната мисија ИСАФ во Авганистан.
- Во текот на вашата ротација секој од вас со себе го носеше товарот на одговорноста. Вие јасно покажавте дека Армијата на Република Македонија е рамо до рамо со земите членки на НАТО кога тоа е навистина потребно. Македонија остнува посветена да му помогне на авганистанскиот народ со нови вредности и со нови сили. За таа цел ние активно се вклучивме во планирачкиот процес на новата пост-ИСАФ мисијата „Одлучна поддршка“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа