ЧУВАЈТЕ СЕ: Грипот зема замав во Македонија - за една недела се разболеле речиси 1.400 лица
Зголемен бројот на заболени од грип во Македонија. Според последните информации од Институтот за јавно здравје, од 13. до 19. јануари годинава се регистрирани вкупно 1.385 заболени од грип, што е 85,2 % повеќе од истиот период лани, кога биле регистрирано 748 заболени.
Вкупниот број на заболени од грип од почетокот на сезоната 2013/2014 изнесува 3.328. Во овој период е регистриран еден смртен случај асоциран со инфекција со вирусот на грип, кај жена на 67-годишна возраст со историја на хронични болести, кај која лабораториски е потврдена инфекција со вирусот на инфлуенца А/H3N2.
Во однос на лани, кога биле регистрирани 1.759 заболени, оваа сезона има зголемување на вкупниот број на пријавени случаи за 89,2%.
Најголем број на заболени (702) се регистрирани во Куманово, додека најмногу болни ( 2.072) се на возраст од 15 до 64 години.
-Бројот на пријавени случаи на грип или заболувања слични на грип во Македонија има тренд на интензивен и континуиран пораст. Се очекува овој тренд да продолжи и во наредните недели. Доминантна е циркулацијата на вирусот на инфлуенца тип А, при што се бележи кодоминација на двата негови подтипови - А/H1 и А/H3N2, соопштуваат од Институтот за јавно здравје.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа