Што ви нуди Системот за управување со учењето?

 

Министерството за информатичко општество и администрација денеска ги промовираше активностите во рамките на спроведувањето на Системот за управување со учењето (LMS) за сите државни службеници, како еден од приоритетите во неговото работење.

Како што соопшти министерот Иво Ивановски на денешната прес-конференција, системот од денеска ќе биде пуштен во употреба и ќе понуди девет веќе развиени обуки за теми од областа на човечките ресурси, а до крајот на оваа година бројот на обуките ќе биде над 20.

-Системот за управување со учењето (LMS) нуди низа предности за организациите, корисниците и за предавачите, што ќе овозможи подигнување на степенот на професионална наобразба на државните службеници, заштеда на време и трошоци, а ќе овозможи и континуирано знаење за начинот, формата и услугата која ја даваат институциите. Истовремено, тој обезбедува постојано учење, што ја прави содржината за учење достапна на секој корисник 24/7 од било која веб локација која има интернет пристап, со можност повеќе корисници да ја посетуваат истовремено, рече министерот Ивановски.

Системот претставува веб базирано решениеhttp://e-obuki.mioa.gov.mk/, а до него ќе може да се пристапи од било која точка со пристап на интернет, па и од „паметен“ мобилен уред, преку повеќе прелистувачи. На веб страната се наоѓа Каталог со обуки, кој опфаќа управување со промени, комуникација, управување и развој, стратегија и иновации, ориентираност кон клиенти, решавање на проблеми и донесување одлуки, постигнување резултати, учење и развој и работење со други.

-Посебно е значајно тоа што корисниците сами ќе можат да изберат кога, каде и што ќе учат, а секој од нив ќе си избере сопствено темпо на учење, согласно предзнаењата и навиките за учење. Исто така, ќе постои можност за самопроверка на знаењето, преглед на извештаите на успех и пријавување на дополнителни курсеви, додаде Ивановски.

Системот за управување со учењето (LMS) ги има предвид светските трендови за воведување на е-учење. Гледајќи на е-учењето не како на замена, туку како на дополнување на обуките лице-в-лице, станува збор за инвестиција која нуди вистинска средина за учење достапна за сите службеници во секое време и од секаде. 

23.01.2014 - 13:39

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега