„Бев на кафе кога избувна пожарот“ - Фазлиу тврди дека не е виновен за катастрофата во Пошта
Шефот на Кабинетот на директорот на а.д. „Македонска пошта“, Арменд Фазлиу, вели дека не се чувствува виновен за избувнувањето на пожарот кој ја зафати главната зграда на пошта во центарот на Скопје.
На вчерашното рочиште, Фазлиу тврдеше дека во моментот кога избил пожарот во неговата канцеларија, тој бил надвор. Тој вели дека записите од камерите поставени на влезот на објектот можат да го потврдат неговото тврдење.
- Искрено се надевам дека во текот на постапката ќе се утврди вистината, не се чувствувам виновен од причина што наводите во актот се невистини, ниту постојат докази што ги поткрепуваат наводите. Во моментот кога избувна пожарот, јас бев надвор од објектот, а тоа може да се види на видеозапис од безбедносните камери, рече Фазлиу.
Фазлиу појасни дека во текот на денот, одржал неколку состаноци во својата канцеларија, а дваесетина минути пред избувнувањето на пожарот, ја напуштил зградата и заминал во кафуле, каде се сретнал со претставник на фирма која изведувала градежни работи за поштата.
Фазлиу го оцени како невалидно вештачењето на МВР, споредкое, пожарот го предизвикало догорче во кантата за отпадоци, а двете канти со околу 25 литри моторно масло биле само катализатор на огнот. Сепак, Фазлиу истакна дека не е компетентен да каже како избувнал огнот. Тој додаде дека е пушач и оти имал пепелник во канцеларијата кој стоел само како украс.
Одбраната на Фазлиу тврди дека пожарот бил предизвикан од неисправна електрична инсталација, што беше исклучено во истрагата. Фазлиу изјави дека имало продолжен кабел на кој биле вклучени неколку апарати и дека најверојатно од таму избувнал огнот кој набрзо ја зафатил целата канцеларија.
ФАзлиу отпрвин негираше дека во неговата канцеларија имало две канти со моторно масло, но, откако му беа предочени фотографиите и доказниот материјал, тој го смени исказот и потврди дека тие биле во неговата канцеларија и дека се мостри од учесник на распишан тендер.
Ниту судијата ниту претставникот на Обвинителството не го праша Фазлиу зошто кантите ги чувал во својата канцеларија, а не во некој од магацините на "Македонска пошта".
Главниот директор и роднина на Фазлиу, Рафиз Алити изјави дека се откажува од оштетно побарување, бидејќи целата штета ќе ја покрие осигурителната куќа.
- Нема зошто да барам вина од вработениот кога поштата е осигурана. Останува да ја почекаме одлуката на судот. Во моментот кога избувна пожарот, јас бев во мојата канцеларија. Кога почна да се шири преку вентилацијата и во канцелариите на првиот кат, јас земав противпожарен апарат и почнав да го гаснам. Таму беа зафатени мојата и канцеларијата на мојот шофер. Не знам каде точно избувна пожарот, рече Алити пред судот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа