Затворени кујните во две основни училишта во Центар
Кујните во две основни училишта во Центар се затворени поради појава на бактерии. Во училиштето „Кочо Рацин“ има наод од ешерихија-коли на машината за сечење леб, додека пак во „Св.Кирил и Методиј“ има наод од цитробактер на штипка за служење риба, како и колиформни бактерии.
Ова е откриено при последниот увид, направен во последната недела од декември 2013 година. Во двете училишта со кујните стопанисува фирмата „Сара Тренд“ од Скопје.
„Веднаш по добивањето на резултатите од бактериолошките испитувања направени од Центарот за јавно здравје-Скопје, градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски побара од директорите на двете училишта, итно да ги затворат кујните, се до моментот на отстранување на забелешките, односно до доведување на кујните во здрава и безбедна средина за учениците, информираат од општина Центар.
Како што се наведува во соопштението, беше побарано да свикаат итни средби на Советот на родители и Училишниот одбор во двете училишта, со цел запознавање на родителите со настанатата состојба и понатамошно постапување.
„Општина Центар писмено се обрати и до Агенцијата за храна на Република Македонија, како надлежна институција за контрола и инспекторирање на кујните. Побара да извршат надзор во кујните на двете општински основни училишта „Кочо Рацин“ и „Св.Кирил и Методиј“, како и да преземат се што е во нивна надлежност и да информираат за понатамошно постапување,“ стои во соопштението од општина Центар.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа