Каде да се вработите за да земате плата од 42.000 денари?

 

Вработувањата во телекомуникацискиот, правниот, банкарскиот и воздухопловниот сектор се најпрофитабилни во Македонија. Според статистиката, изминатата година во овие сектори се исплатени највисоките плати, додека кожарската и текстилната индустрија остануваат најниско платени.

Според податоците на Државниот завод за статистика, висината на личниот приход во октомври во секторот правни и сметководствени дејности достигнал 41.476 денари што е за 20.229 денари повеќе од просечно исплатената плата во Македонија. Над просекот се и платите исплатени во телекомуникацискиот сектор со 38.951 денари, воздухопловниот сектор со 38.701 денар и финансиските и услужни дејности, освен осигурување и пензиски фондови со 37.720 денари.

Врз висината на платата влијае и степенот на образование, на што укажува и фактот дека лицата со завршено високо и вишо образование се значително подобро позиционирани на пазарот на трудот, отколку оние со основно и средно образование. Така, најголем дел од невработените или 114.350 лица се со средно образование,  додека драстично помалку односно 41.509 лица со завршено високо образование се без работа.

Статистиката покажува дека мажите во земјава се подобро платени од жените. Тие земаат поголема плата гледано и од аспект на возраста и од аспект на образованието. Доминантноста на машката популација во однос на женската се согледува дури и во поглед на вработеноста, па во третото тримесечје од 2013 година може да се забележи дека 60,5 проценти од вкупното активно машко население се вработени за разлика од 39,5 проценти од женското активно население.

Најпривлечен град за вработување е Скопје, кој нуди повеќе опции за работната сила, а и работните места се највисоко платени во државата.  Според последните статистички податоци, Скопскиот регион значително предничи пред Полошкиот, Југозападниот и Североисточкиот регион, а најмалку платени се работниците вработени во компаниите во Источниот и Вардарскиот регион. 

Сепак, кога се говори за платите во регионите и разликата меѓу нив, треба да се има предвид дека потрошувачката во Скопје е значително поголема, отколку во помалите места во државата.

Во споредба со земјите од регионот, Македонците,Албанците и Србите имаат најниски плати, а подобро платени се Хрватите. По нив следуваат граѓаните на Црна Гора и Босна и Херцеговина. Од земјите во светот, највисока плата имаат жителите на Швајцарија, а по нив следуваат Норвешка, Луксембург, Австралија, Катар, Данска, САД, Шведска, Јапонија и Финска.

22.01.2014 - 08:56

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега