Кукан и Штиер: ЕП не може да бара двојазичност во Македонија
Синоќешните компромисни амандмани предложени од известувачот Ричард Ховит во однос на Резолуцијата за Република Македонија, во кои се споменува воведување на двојазичност и се споменува некаков ултранационализам се уште ги брануваат духовите во европскиот законодавен дом, пишува МИА.
Членовите на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европарламентот, Едвард Кукан и Давор Иво Штиер, за МИА велат дека тие ќе бидат цврсти и нема да дозволат да поминат амандманите кои предизвикаа збунетост.
- Мислам дека би требало да бидеме многу внимателни во формулацијата што ќе ја користиме во Резолуцијата, за да ние со непрецизност не создадеме нови проблеми. Во однос на предлогот за двојазичност во државата, треба да бидеме прецизни. Не може да се тераат граѓаните да научат друг јазик, туку треба да се почитува правото на секој да говори на свој јазик и како и секогаш да се работи на тоа Македонија, како една независна држава, да ја оствари својата европска перспектива, на што има право, вели хрватскиот европратеник Штиер.
Словакот Кукан, пак, истакнува дека англиските говорници во АФЕТ велат оти употребата најпрво на зборот ултранационализам не се однесувала на Македонија, но дека европратениците како него кои се не-англиски говорници, не се целосно убедени дека е така.
- Оваа дискусија ќе продолжи и нешто ќе треба да се стори. Во однос на предлогот за воведување на двојазичност, како што кажав на вчерашната дебата, никој мене како Словак не може да ме натера да учам унгарски јазик, што е јазик на малцинството во мојата земја. Но, и во овој случај, објаснувањето на известувачот Ховит е дека тој само тоа сака да се промовира, не да се наметне. Но, прашањето е зошто и воопшто тоа да го промовираме, вели Кукан за МИА.
Поранешниот министер за надворешни работи на Словачка смета дека треба да се биде објективен и да не се предизвикува паника во Македонија, бидејќи овие прашања ќе бидат дискутирани и ако не бидат решени денеска на гласањето на Комитетот за надворешни работи на Европарламентот, тогаш ќе бидат решени при гласањето на пленарната седница идниот месец.
Штиер, пак, потсетува дека најголем проблем на Македонија не е проблемот во однос на предложената двојазичност, туку според него „недостатокот на европска перспектива поради една блокада што никогаш не ни требаше да се случи”.
- За прашањето за името може да се водат преговори, но тоа не треба да биде услов за отворање на пристапните преговори со Европската унија и тоа не треба да ги блокира европскиот пат на Македонија. Ако почнеме да го користиме членството во ЕУ за да решаваме билатерални проблеми, тогаш европската идеја навистина е ставена под голем знак прашалник. Мислам дека треба да ставиме нагласок на тоа, а тоа е нешто што и оваа Резолуција многу јасно го порачува, вели Штиер.
Тој потсетува и дека главна првична интенција е означена со тоа што уште на почетокот во самата Резолуција се наведува дека „на Македонија мора да и се осигура отворање на преговорите за членство”.
- Еден апел и сега до Грчкото претседателство со Унијата е навистина да овозможи консензус во Европскиот совет за да се отворат пристапните преговори. Тоа и е главната порака во оваа Резолуција. Но, се разбира дека треба да се води грижа и во оние други членови во Резолуцијата, па затоа јас ја споменав ризичноста од непрецизниот јазик и формулации во Резолуцијата кога се говори за воведување на т.н. двојазичност, вели Штиер.
Комитетот за надворешни работи денеска ќе гласа за Резолуцијата за Македонија, при што на самото гласање е можно поднесување на усмени амадмани. Целиот текст на Резолуцијата, пак, својот лик ќе го добие по гласањето на пленарна седница во Стразбур која треба да се одржи следниот месец.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа