Грција: Венизелос на разговор во Вашингтон за „антиамериканскиот тероризам во Грција
Иако грчките медиуми најавуваат дека посетата на министерот за надворешни работи на Грција, Евангелос Венизелос на Вашингтон ќе биде посветена на разговори за економијата, грчкото претседавање со Европската Унија и за спорните прашања како Кипар и името на Македонија, сепак американскиот Стејт департмент наведува дека водечка тема ќе биде „антиамериканскиот тероризам во Грција“.
САД се гневни откако за Божик побегна Христодулос Ксирос, терорист на грчката анархистичка организација „17 Ноември“, кој беше осуден на шест доживотни казни затвор за неговата вмешаност во серија крвави напади, при кои честопати цел беа и американските дипломати, и како резултат на тоа САД очекуваат од Грција што поскоро да го пронајде и уапси Христодулос, кој е еден од тројцата браќа Ксирос осудени за активностите на „17 Ноември“.
Бегството на Ксирос минатата недела беше тема и на прес-конференцијата на Стејт департментот, на која американски новинари бараа реакција од Вашингтон за овој случај. Групата „17 Ноември“ е одговорна за убиствата на шеф на бирото на ЦИА во Атина, на американски воен аташе, заменик воен аташе и еден офицер, во периодот од 1975 до 1988 година, како и на британскиот воен аташе во 2000 година, на двајца турски дипломати и други странски претставници.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа