Царината со Охридската капетанија ја зајакнуваат соработката

Царинската управа на Република Македонија и Капетанијата на пристаништата - Охрид потпишаа Меморандум за соработка, кој предвидува воспоставување организиран систем за размена на информации со цел поефикасно спречување шверц и нелегално преминување на граничните линии преку Охридското Езеро.

Директорот на Царината Ванчо Каргов истакна дека соработката ќе се интензивира и во делот на сместувањето на патролните чамци на Царинската управа, како и на обезбедувањето места за вршење царински надзор.

- Со максимално залагање на двете страни ќе се овозможи подобар и побрз проток на информации битни за дејствување во секој момент, истакна Каргов.

Царинската управа потпиша Меморандум за соработка и со Државниот инспекторат за транспорт во насока на унапредување на системите за транспорт на инспекција и на капацитетите за побрзо поминување на граничните премини од страна на патниците, товарните возила и автобусите.

- Со планираните активности ќе овозможиме максимална заштита на економските интереси на македонските транспортери, истакна Каргов, додавајќи дека соработката во најголем дел ќе се однесува на разменување информации за граничните премини особено доколку е евидентиран евентуален нелегален премин.

Според Каргов, има обиди за нелегално минување на автобуси преку граничните премини. Возилата најчесто не поседуваат соодветни лиценци и дозволи за влез и транзит во земјава.

Директорот на Царината најави набавка на радари и камери за снимање на далечина до 10 километри за потребите на граничните линии на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро. Не станува збор за голема инвестиција, рече, наспроти очекуваниот бенефит. Каргов изрази уверување дека опремата ќе биде обезбедена во текот на оваа година.

10.01.2014 - 12:56

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега