32 сообраќајки во Скопје за само 5 дена

 

Во текот на изминатите пет дена на подрачјето на Градот Скопје и околината,  сообраќајната полиција извршила увид на вкупно 32 сообраќајни незгоди. Од нив 20 се со последица материјална штета, две се со последица телесна повреда и две со последица тешка телесна повреда.

Во петокот, саботата и неделата, извршен е увид на вкупно 19 незгоди, од кои 15 се со последица материјална штета, а четири со последица телесна повреда. Повреди заработиле пет возачи на патнички моторни возила, четири сопатници во возилата и еден пешак. Со тешки телесни повреди во овие три дена не е случена ниту една незгода.

Според евиденцијата на сообраќајната полиција, случени се уште шест незгоди со мала материјална штета во кои учесниците го пополниле Европскиот извештај.

Во понеделникот, извршен е увид на вкупно седум сообраќајни незгоди. Од нив три се со последица материјална штета, три со последица телесна повреда во коишто со полесни повреди се здобиле двајца возачи на патнички моторни возила, пет сопатници и еден возач на велосипед и една незгода е со последица тешка телесна повреда. Сообраќајката се случила во 17 часот на крстосницата од булеварот „Србија“, булеварот „АСНОМ“ и булеварот „АВНОЈ“ во која што учествувало патничко моторно возило „голф“ со скопски регистарски таблички, управувано од граѓанин на Скопје којшто свртувајќи во лево од булеварот „Србија“ кон булеварот „АВНОЈ“ изгубил контрола над возилото, излетал на десната страна од коловозот и удрил во метален столб од уличното осветлување. Како последица од оваа незгода со тешки телесни повреди се здобил возачот на возило.

Вчера, извршен е увид на вкупно шест незгоди, две со последица материјална штета, три со последица телесна повреда во коишто со полесни повреди се здобиле пет возачи на моторни возила и шест сопатници и една незгода со тешка телесна повреда. Сообраќајката се случила во 10 часот на крстосницата од булеварот „Партизански одреди“ и булевар „8 Септември“ во која што учествувале две патнички моторни возила „шевролет“ и „фиат“, двете со скопски регистарски таблички, управувани од граѓани на Скопје. Како последица на оваа незгода со тешки повреди се здобиле двајца сопатници во возилата, а со телесни повреди се здобиле двајцата возачи и еден сопатник.

Во текот на изминатите денови, покрај обврските кои сообраќајната полиција ги имаше во делот на сообраќајно обезбедување на манифестациите коишто се одржаа по повод верските празници, вршеше контрола пред се на потешките прекршоци кои се главна причина за случување на сообраќајни незгоди со потешки последици, при што меѓу останатото беа санкционирани 35 возачи кои возеле под влијание на алкохол и кои се исклучени од сообраќај. Дваесет и пет возачи не ги почитувале сообраќајни светлосни знаци на крстосниците, односно поминале на црвено светло, седуммина возачи кои не отстапиле предност на минување на пешаците на обележан пешачки премин и 18 коишто го користеле мобилниот телефон за време на управување со своите возила.

ВО последните 5 дена со специјалното возило „пајак“ подигнати се 58 возила коиго попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот на патиштата.

За денеска нема најавено вонредни настани, со што се очекува сообраќајот да се одвива тековно и според постоечката сообраќајна регулатива.

08.01.2014 - 09:21

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега